Македонските инспектори не нашле пестициди во зелката што ја врати Хрватска

Контролата спровередена кај производителот на зелката што неодамна беше вратена од Хрватска поради нејзина наводна неисправност и направените анализи покажала дека во посочената земјоделската култура не било детектирана употреба на забранети препарати за заштита. Тоа го посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој во Охрид ги следеше активностите за вештачки мрест на еднемичниот вид охридска пастрмка.

– За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи испаднаа негативни односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура – рече Трипуновски одговарајќи на прашање на новинарите по однос случајот.

Министерот Трипуновски рече дека не знае дали се работи за некаква грешка на хрватските гранични контроли, но категорично изјави дека во Македонија кај посочениот земјоделец не се пронајдени такви недозволени пестициди ниту анализите покажале употреба на забранети средства.

– Работиме на проширување на дозволената листа препарати, со цел земјоделците да имаат пристап до повеќе препарати кои се можеби и поевтини и со поголема ефикасност – рече министерот Трипуновски.