ВИДЕО| Хамас му ги предаде четирите израелски заробенички на Црвениот крст во Појасот Газа

Палестинскaта милитантна организација Хамас во саботата предаде четири жени изаелски војници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Појасот Газа, објави Al Jazeera.

Според претходно објавениот список, станува збор за војниците Лира Албаг, Наами Леви, Карина Ариев и Даниела Гилбоа. Тие биле распоредени во базата Нахал Оз во близина на границата со Појасот Газа и беа заробени од палестинските милитантни групации кои ја заземаа нивната база за време на напад предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година.

Израелската војска соопшти дека се поставени места за прием каде што четирите жени ќе добијат првична медицинска нега и поддршка, пред да бидат однесени во болници и повторно да се соединат со нивните семејства кои емотивно го следеа во живо нивното ослободување.

Израел ќе ослободи група палестински затвореници во замена за четирите жени заложници според договорот за прекин на огнот чија цел е да се стави крај на 15-месечната војна во Газа.

Хамас соопшти дека 200 палестински затвореници ќе бидат ослободени во сабота како дел од размената. Се очекува меѓу нив да бидат членови на Исламскиот џихад, Хамас и Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP), од кои некои отслужуваат доживотна казна затвор.

Оваа планирана размена ќе биде втора откако започна прекинот на огнот во неделата, а Хамас предаде тројца израелски цивили во замена за 90 палестински затвореници.