
Хрватската ракометна репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство откако во последниот натпревар од второто коло на натпреварувањето ја совлада Словенија со 29:26 (15:15).
Во пресрет на хрватско-словенечката пресметка во загребската Арена беше јасно дека на Хрватска ѝ беше неопходна само победа, додека секој друг резултат би го однел Исланд во четвртфиналето. Пласманот на Египет беше загарантиран без разлика на резултатот од последниот натпревар.
На крајот, селекцијата на Хрватска победи со 29:26, освојувајќи го првото место во групата, Египет се пласираше како втор, додека Исланд падна на третото место. Словенија и пред натпреварот немаше шанси за пласман.
Хрватска во четвртфиналето за два дена во „Загреб Арена“ повторно ќе игра со Унгарија, додека Египет се очекува да се соочи со Франција.
Словенија по седум минути игра поведе со 5:0. Сепак, избраниците на Дагур Сигурдсон до полувремето успеаја да израмнат на 15:15. Хрватска првпат на мечот поведе во 39. минута (20:19), во неколку наврати имаше и три гола предност, а на крајот заврши 29:26.
Хрватска до важната победа ја предводеа Филип Главаш, Марин Шипиќ и Иван Мартиновиќ со по пет гола. Доминик Кузмановиќ имаше осум одбрани, а Иван Пешиќ четири. Алекса Влах постигна пет гола за Словенците.
Во претходните натпревари Египет ги совлада Зеленортски Острови со 31:24, додека Исланд ја победи Аргентина со 30:21.
Зеленортските Острови изненадија и подобро го отворија натпреварот во пресметката на две африкански селекции. Во 12. минута поведе со четири гола разлика (8:4), но Египет до крајот на полувремето успеа да израмни (11:11), а потоа да поведе со гол разлика (14:13). Во вториот дел Египет заигра многу подобро, поведе со пет разлика (25:20), а на крајот заврши со +7 (31:24).
Египет до победата го предводеше Јахиа Омар со 11 голови, додека Карим Хендави имаше 11 одбрани. На спротивната страна најефикасен беше Делцио Пина со шест гола.
Исланд ја совлада Аргентина со 30:21. Исланд имаше пет поени предност на полувремето, а до крајот предноста порасна на +9. Победничкиот тим го предводеа Один Рихарсон со седум, а Виго Кристјансон, Гисли Кристјансон и Ори Торкелсон со по пет гола, додека Виктор Халгримсон собра 14 одбрани. Кај Аргентина се истакна Рамиро Мартинез со шест гола.
Хрватска како носител на групата во четвртфиналето на Мундијалот ќе игра против Унгарија, додека Франција ќе игра против Египет.
Двата меча се закажани за 28 јануари во Загреб Арена, а победниците ќе играат два дена подоцна, исто така на Арена, во полуфиналето.
Во вториот дел од ждрепката во четвртфиналето на 29 јануари во Осло ќе играат Данска – Бразил и Португалија – Германија.
Победниците од овие два меча ќе играат во полуфиналето на 31 јануари во Осло каде ќе се одржи и финалето, а на 2 февруари ќе се игра за бронзениот медал.
РАСПОРЕД ЧЕТВРТФИНАЛЕ:
Загреб – 28 јануари:
Франција – Египет
Хрватска – Унгарија
Осло – 29 јануари:
Данска – Бразил
Португалија – Германија
ПОЛУФИНАЛЕ:
Загреб – 30 јануари
Франција/Египет – Хрватска/Унгарија
Осло – 31 јануари:
Данска/Бразил – Португалија/Германија
Натпревар за 3 место – Осло (2 февруари)
Финале – Осло (2 февруари)