
Цените на нафтата паднаа под 78 долари на меѓународните пазари во понеделникот, што ја одразува загриженоста на трговците поради знаците за забавување на кинеската индустрија, но и олеснување по тензиите меѓу САД и Колумбија кои се заканија со прекини во снабдувањето.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше 1,09 долари пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 77,41 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 1,19 долари пониска цена, по 73,47 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека барелот од референтната кошничката нафта на нејзините членки поевтинил за 32 центи на 80,45 долари во петокот.
На почетокот од седмицата трговците се фокусираа на заканите од САД за санкции против Колумбија и знаците за слабеење на индустриската активност во Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Колумбија со санкции откако Богота порача дека нема да ги прифати мигрантите кои САД се подготвуваат да ги депортираат со авион. Колумбија на крајот, сепак, се согласи со американското барање и САД ја повлекоа заканата, објави во неделата Белата куќа.
САД минатата година беа дестинација на околу 41 отсто од колумбискиот извоз на нафта транспортиран со танкери, според податоците на аналитичката компанија „Kpler“.
„Постои општо негативно расположение на пазарот. Не беа наметнати санкции, но (заканата) создаде нервоза дека Трамп ќе им се закани на сите да го добие она што го сака. Пазарот е во основа неочекувано тесно снабдуван“, смета Бјарне Шилдроп од SEB алудирајќи на повисоките цени за барели со пократко време на испорака.
Притисокот врз цената беше повторениот повик на Трамп до членките на OPEC да ги намалат цените на нафтата со цел да ги намалат приходите на рускиот буџет и на тој начин да помогнат да се стави крај на војната во Украина.
„Ова би можело да се постигне многу брзо, меѓу другото, ако OPEC престане да заработува многу пари и ако ја намали цената на нафтата… Војната веднаш би престанала“, рече американскиот претседател, истовремено заканувајќи ѝ се на Русија „и на другите земји учеснички“ со царини и санкции доколку наскоро не се постигне договор за завршување на војната во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во петокот дека би трабло да се сретне со Трамп за да разговара за војната во Украина и цените на енергенсите. Но Кремљ потсети дека таквите изјави на Трамп се вообичаени и дека неговата политика и во првиот мандат се темелеше на закани и санкции, а Москва предупредува дека таквите акции би имале и одраз врз економијата на САД.
„Тие се позиционираат за преговори. Цените веројатно се задржуваат поради планот на Трамп да го зголеми домашното производство и борбата за пазари. Веројатно ќе се обидат насилно да му одземат дел од пазарот на OPECК а тоа значи дека се нивен конкурент““, вели консултантот на JTD, Џон Дрискол и според него тоа предизвикува осцилации на нафтените пазари.
OPEC и неговите сојузници големи независни производители предводени од Русија (OPEC+) сѐ уште не одговориле на пораките на американскиот претседател. Претставници на OPEC потсетуваат дека веќе имаат усвоено план со кој се предвидува зголемување на понудата од почетокот на април.
Трговците беа загрижени на почетокот од седмицата од податоците кои сигнализираа забавување на индустриската активност во Кина, бидејќи тие би можеле да бидат знак за послаба побарувачка за енергија. Активноста во кинеската индустрија се намали во јануари, покажа официјалното истражување, при што индексот на менаџери за набавки падна за еден поен од декември на 49,1. Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активноста.