„Политико“: Администрацијата на Трамп не покажува интерес за комуникација со ЕУ лидерите

Амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп директно да преговара со лидерите на ЕУ и неподготвеноста на неговата администрација да комуницира со претставниците на блокот во Брисел беа „ладен туш“ за европските претставници, пишува европското издание на Политико.

Ниту еден од високите претставници на ЕУ не беше поканет на инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Исто така, сè уште нема одговор на поканата од највисокиот дипломат на блокот, Каја Калас, до новиот државен секретар на САД, Марко Рубио, да присуствува на Состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник. Во меѓувреме, Рубио веќе директно се ангажираше со највисоките дипломати на Полска, Италија, Латвија и Литванија, додека самиот Трамп разговараше за билатералните односи со данската премиерка Мете Фредериксен.

Колумнистите во весникот тврдат дека ова доаѓа како „радикална промена од пријателскиот однос што претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и другите врвни фигури на ЕУ ги имаа со администрацијата на Џо Бајден“.