Tesla се приклучи на тужбата на BMW и кинеските компании поради царините на ЕУ за кинеските автомобили

Американскиот производител „Tesla“ поднесе тужба до Европскиот суд на правдата против Европската комисија поради наметнувањето царини за електричните автомобили произведени во Кина, приклучувајќи се на групата кинески производители и германски BMW, објави веб-страницата на судот.

ЕУ ги воведе царините на крајот од октомври, по истрагата за која тврди дека открила неправедна предност за кинеските производители поради државните субвенции.

Највисока царина е воведена за кинескиот производител на електрични автомобили SAIC, од 35,3 отсто. Следува „Geely“ со 18,8 проценти и BYD со 17 отсто. Комисијата утврди најниска царинска стапка за увоз на автомобили произведени во Кина од американската „Tesla“, од 7,8 отсто.

Американската компанија поднела жалба против Комисијата поради одлуката за тарифи минатата среда, последниот ден од жалбениот период, приклучувајќи им се на „Geely“, SAIC и BYD и на Кинеската комора за надворешна трговија CCCME, како и на германската BMW, покажуваат судските документи, без да се наведат детали.

BMW заедно со партнерите ги произведува електричниот SUV „BMW iX3“ и електричниот „Mini Cooper“ во Кина, кои ги продава на пазарот на Европската унија. Европската комисија ќе им наштети на европските интереси со наметнивањето царини, изјави во јуни шефот на BMW, Оливер Зипсе.

Европскиот парламент во извештајот објавен во октомври цитира „повеќе извори“ дека кинеските компании (како што се BYD, Nio и Xpeng) сè уште извезуваат релативно малку автомобили и дека две третини од кинескиот увоз во ЕУ се возила произведени од воспоставените на ЕУ и САД компании во Кина“.