Генералниот секретар на ОН ги повика САД да разгледаат повеќе изземања од прекинот на странската помош

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ги повика Соединетите држави да разгледаат дополнителни исклучоци од 90-дневното суспендирање на странската помош за да „обезбедат континуирана испорака во кризни ситуации и хуманитарни активности“.

Само неколку часа по преземањето на функцијата минатата седмица, американскиот претседател Доналд Трамп најави привемено запирање на странската помош поради ревизија со којашто би се утврдило дали помошта е во согласност со неговата надворешна политика.

Овој потег може да ја прекине помошта од повеќе милијарди долари „со кои би можеле да се спасат живот“, како што велат критичарите на мерката на Трамп иако многу од тие средстава се упатуваат во земји кои се во вооружени конфликт. САД се најголемиот поединечен давател на помош во светот. Во фискалната 2023 година биле исплатени 72 милијарди долари помош во странство.

Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, рече дека САД се еден од најголемите донатори на ОН на доброволна хуманитарна и развојна помош и дека ОН се обидуваат да утврдат какви ќе бидат последиците од суспендирањето.

„Ја цениме великодушноста што САД отсекогаш ја покажувале. Сакаме да соработуваме, да процениме, да слушаме и да одговориме на сите грижи што може да ги има новата американска администрација, истовремено обезбедувајќи дека најранливите ќе останат заштитени“, им рече Дужарик на новинарите.

Американски пратеници, организациите за хуманитарна помош и Обединетите нации првично не беа знаеја кои се размерите на урадбата на Трамп. Тоа беше јасно појаснето во петокот кога Стејт департментот издаде наредба за укинување на сета постоечка странска помош и суспендирање на новата помош, според документот во кој увид имал Reuters.

Американскиот државен секретар Марко Рубио може да прави исклучоци и ја иззема итна помош во храна од регулативата.

„Генералниот секретар бара да се разгледаат дополнителни исклучоци за да се обезбеди континуирана испорака на итни резерви и хуманитарни активности до најранливите заедници ширум светот, чии животи и опстанок зависат од оваа помош“, рече Дужарик.

Гутереш со нетрпение очекува да работи со новата американска администрација „во обезбедувањето на многу потребната развојна помош за луѓето кои се борат со најголемите предизвици во светот во развој“, рече Дужарик.

Загриженост за извршната уредба на Трамп изразија и хуманитарни организации и организации за човекови права.

„Секоја нова администрација има право да ја прегледа постоечката странска помош, но додека ревизијата е во тек, од клучно значење е да се продолжи со доставување помош“, рече Сара Јагер, директорка на Human Rights Watch во Вашингтон.

Во изјавата таа истакна дека американската помош ги поддржува медицинските програми, деминирањето, заштитата на бранителите на човековите права и другите ранливи заедници, „кои се изложени на ризик во отсуство на континуирано финансирање“.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус во понеделникот изјави за телевизиската мрежа Fox News дека станува збор за „проценка на ситуацијата, дали работите треба да се променат и како најдобро да продолжиме во иднина“. “Нема да дозволиме да нѐ искористуваат“, заклучи таа.

Запирањето на американската странска помош е заострување на ставот во споредба со првиот мандат на Трамп, кога тој првпат се закани со оваа мерка. На годишниот собир на светските лидери на ОН во септември 2018 година, Трамп на Генералното собрание му рече дека неговата администрација ќе разгледа дали земјите што добиваат американска помош и заштита „размислуваат за американските интереси“.

„Во иднина ќе даваме странска помош на оние кои не почитуваат и кои се, искрено, наши пријатели“, рече тогаш Трамп. Но, федералниот буџет го одредува Конгресот, кој тогаш ги отфрли обидите на Трамп во првиот мандат да ги намали трошоците за американската дипломатија и буџетот за помош.