Мелони под истрага поради ослободувањето на либиски генерал баран за воени злосторства

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека е под судска истрага поради ненадејното ослободување на либискиот генерал по кого Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење.
Осама Елмасри Наџим, познат и како Осама Алмасри Наџим, беше ослободен во Италија минатата недела, неколку дена откако беше приведен по налог за негово апсење издаден од МКС, а за воени злосторства против човештвото, силување и убиство.

Тој беше уапсен во Торино врз основа на меѓународна потерница, но неочекувано беше пуштен и брзо беше вратен во Либија, каде што доби херојски пречек.

Хашкиот суд побара објаснување и соопшти дека не бил консултиран за одлуката за ослободување на Наџим, пренесува Ројтерс.

Мелони во пораката објавена на социјалните мрежи рече дека обвинителите ја сомничат за проневера и помагање во кривично дело поврзано со овој случај.

„Нема да ме уценуваат, нема да дозволам да ме заплашат, поради тоа што, на пример, не им се допаѓам на оние кои не сакаат Италија да се промени и да стане подобра“, вели Мелони во видео објавено на Фејсбук.

Под истрага се и италијанскиот министер за правда Карло Нордио, министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси и потсекретарот за разузнавање на кабинетот Алфредо Мантовано.

Мелони нема обврска да поднесе оставка, а тоа што е ставена под истрага во Италија не значи вина, ниту пак дека нужно ќе следуваат формални обвиненија, наведува Ројтерс.

Таа рече дека цел на истрагата се и нејзините министри за правда и внатрешни работи и потсекретарот.

Владата на Мелони е на удар на опозицијата, групите за човекови права и самиот МКС поради ослободувањето на Ал Масри откако тој беше уапсен во Торино по налог на меѓународен суд.