Србија: Оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад

Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, поднесе неотповиклива оставка во вторникот, набргу откако тоа го стори српскиот премиер Милош Вучевиќ, и двајцата тврдеа дека тоа го прават поради „објективна одговорност“ за трагедијата на железничката станица во Нови Сад на 1-ви ноември минатата година.

И двете оставки дојдоа помалку од 24 часа по јавното обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот вечерта, во услови на зголемен притисок од јавноста и студентски блокади кои ја обвинуваат владата за корупција и ја сметаат за одговорна за смртта на 15-те лица во Нови Сад.

Ѓуриќ, исто така член на владејачката владејачката Српска напредна партија (СНС), најави дека преземањето одговорност и оставката е негова „човечка и политичка обврска и морална должност“.

„Стабилноста, смирувањето на тензиите и запирање на натамошните поделби во општеството се клучни услови за натамошен напредок и развој на Нови Сад и за подобрување на животот на жителите на Нови Сад“, се вели во соопштението.

Ѓуриќ ја повика полицијата што поскоро да ги открие напаѓачите кои во текот на ноќта од понеделникот кон вторник тешко повредија студентка во Нови Сад. Студентите претходно пријавија дека биле нападнати со бејзбол палки од група млади момчиња кои наводно излегле од седиштето на СНС во Нови Сад.

Тој за сопствената  оставка рече дека таа „не е израз на слабост или повлекување пред предизвиците, туку чин на преземање одговорност и отворање простор за обновување на довербата меѓу граѓаните“. негова „длабока почит кон граѓаните на Нови Сад“ и „верба во демократските процеси“.

Нови Сад и студентите беа тие кои во своите речиси тримесечни протести побараа Ѓуриќ да биде сменет од шефот на градската администрација, сметајќи го за соодговорен за трагедијата од 1-ви ноември, но и за многубројните престапи поврзани со неговата должност како прв човек на Нови Сад.

Ѓуриќ го наследи Милош Вучевиќ, тогаш иден а од денеска веќе поранешен премиер, на функцијата градоначалник во октомври 2022 година.