Белата куќа ги повикува тиктокерите и подкастерите да аплицираат за новинарски пропусници

Новата портпаролка на Белата куќа ги повика тиктокерите и подкастерите да аплицираат за новинарски пропусници, во обид на Белата куќа да го прошири својот досег надвор од традиционалните мејнстрим медиуми кои американскиот републикански претседател Доналд Трамп често ги критикува откако во двата циклуси за претседателските избори водеа кампањи во полза на неговите демократски ривали.

Во своето прво појавување пред новинарите во Белата куќа, портпаролката Каролинa Клер Ливит рече дека дополнително место за „гласот на новите медиуми“ е резервирано пред тесната сала за брифинзи.

Трамп постојано ги критикуваше мејнстрим медиумите во САД како „непријател на народот“, а на низата појавувања во подкасти ја припишува заслугата за неговото триумфално враќање во Белата куќа ланскиот ноември.

„Како најмлад портпарол во историјата, благодарение на претседателот Трамп, многу сум горда што ја отворам оваа просторија за гласот на новите медиуми“, изјави 27-годишната Ливит во преполната брифинг-сала.

„Без разлика дали сте креатор на содржина на TikTok, блогер, подкастер, ако произведувате легитимна содржина за вести… ќе ви биде дозволено да аплицирате за новинарски акредитации во оваа Бела куќа“, рече таа.

Објавата беше помалку драматична отколку што стравуваа некои новински организации, откако синот на претседателот, Доналд Трамп Џуниор во ноември зборуваше за „отворање“ на прес-салата.

Четириесет и девет места во просторијата беа доделени на голем број новински организации кои се членки на Здружението на дописници на Белата куќа. На новинарите без седишта им е дозволено да стојат отстрана, доколку има простор, како што беше случајот во вторникот за првото појавување на новата портпаролка пред новинарите.

Новата секретарка за печат на Белата куќа, исто така, вети дека ќе ги повика на одговорност новинарите одговорни за, како што рече, лагите за Трамп.

„Сигурно знаеме дека многу медиуми во оваа земја шират лаги за овој претседател, за неговото семејство и ние тоа нема да го прифатиме“, рече таа.

Брифингот на култниот подиум на Белата куќа беше нејзин прв откако Трамп беше инаугуриран пред осум дена. Досега таа најмногу зборуваше за конзервативни телевизиски куќи, вклучително и Fox News.

Големи американски ТВ мрежи тврдат дека Трамп избегнувал интервјуа со некои од нив за време на предизборната кампања, наместо тоа избираше да зборува со неколку претежно десничарски подкасти, вклучувајќи го и многу популарното Joe Rogan Experience.