
Цените на акциите паднаа на Волстрит во средата, најмногу во технолошкиот сектор, бидејќи инвеститорите се фокусираа на состанокот на лидерите на американската централна банка, кои ги оставија каматните стапки непроменети.
Индексот Dow Jones падна за 0,31 отсто на 44.713 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,47 отсто на 6.039 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,51 отсто на 19.633 поени.
Падот на индексите најмногу се должи на континуираниот притисок врз технолошките акции, кој трае од понеделникот, кога успехот на апликацијата DeepSeek на кинеската стартап компанија го потресе уверувањето на инвеститорите дека САД се водечки во развојот на вештачката интелигенција.
Цената на акцијата на „Nvidia“, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, повторно падна, за повеќе од 4 отсто, а од почетокот на седмицата е намалена за повеќе од 10 отсто.
Инвеститорите беа фокусирани и на пораките на челниците на американската централна банка од нивната редовна средба, на која очекувано одлучија да ги остават каматните стапки непроменети.
Сепак, во соопштението Fed не наведе дека е „постигнат напредок“ во однос на инфлацијата, како што тоа го правеше во претходните месеци, туку дека темпото на раст на цените „останува покачено“.
Претседателот на Fed, Џером Пауел на прес-конференција рече дека централната банка не треба да брза со прилагодување на политиката, имајќи предвид дека монетарната политика е добро позиционирана за предизвиците што претстојат. А тоа значи дека Fed нема да ги намали каматните стапки во скоро време.
Пауел, исто така, рече дека е премногу рано да се каже како политиката на претседателот Доналд Трамп ќе влијае на економијата и инфлацијата, па Fed ќе почека додека одговорите на тоа прашање не бидат појасни.
Минатата година, благодарение на ублажувањето на инфлацијата во САД, Fed трипати ги намали каматните стапки, вкупно за еден процентен поен. Сепак, бидејќи економијата постојано расте, додека инфлацијата останува далеку над целта од 2 проценти, оваа година се очекуваат само две намалувања на каматните стапки на Fed, вкупно за половина процентен поен.
Тоа значи дека не може да се очекува дека монетарната политика ќе обезбеди толку силна поддршка на пазарот на капитал како што тоа го направи минатата година.
А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,28 отсто, на 8.557 поени, а франкфуртски DAX за 0,97 отсто, на 21.637 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,32 отсто, на 7.872 поени.