Кривичен суд Скопје ја објави претходната пресуда за убиецот на Фросина

CREATOR: gd-jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality = 82

„Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“, се вели во пресудата на Судот со која полнолетник со блага казна се упатува во Дом за малолетници, во кој, меѓу другото, никогаш и не заминал.

Основниот кривичен суд Скопје ја објави пресудата за претходното кривично дело на Васил Јованов, осомничен за смртта на 22-годишната Фросина Кулакова, која трагично загина во сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“. Пресудата за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, по која Јованов беше прогласен за виновен и му беше изречена воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом.

Во пресудата судот смета дека воспитната мерка да се упати во поправен ден ќе му даде можност на обвинетиот да ја воочи грешката со што обинетиот ќе се насочи кон правилен пат.

„Имено, судот, со вака изречената воспитна мерка – заводска мерка-упатување во воспитно поправен дом Т., на обвинетиот како помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него, за одреден временски период да го оттргне од средината, која очигледно лошо му влијаела, но сепак тоа да не биде во казнено-поправна установа, туку во воспитно-поправен дом, каде што и едукативниот процес нема да затаи, а се со цел обвинетиот да биде насочен кон еден правилен пат и развој и да стане корисен член на општествената заедница. Ваквиот вид на кривична санкција овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред се од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“, се вели во пресудата на Судот.

Пресудата е резултат на главната расправа која започна на 24 јули 2024 година и заврши на 31 јули 2024 година. Судскиот состав беше предводен од судијата Даниела Алексовска-Стојановска, со судии поротници Весна Цветкоска и Милисав Таневски. Освен ова, Јованов беше пријавуван и за друга сообраќајна незгода од 4 ноември 2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди.

Граѓаните вчера излегоа на протест на улицата Партизански одреди, каде што 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.