
Федерален судија во петокот привремено ја оневозможи администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги замрзне федералните грантови, заеми и друга финансиска помош.
Одлуката на американскиот окружен судија Џон Мекконел од Провиденс, Род Ајленд, беше донесена на барање на демократските јавни обвинители од 22 сојузни држави и главниот град на САД, и покрај тоа што Белата куќа соопшти дека го повлекла дописот од Канцеларијата за буџет во кој детално се наведува одлуката којашто демократите ја доживуваат како контроверзна, а беше објавена во понеделник.
Мекконел рече дека „доказите покажуваат“ дека политиката на Трамп и натаму остануваат на сила, и покрај формалното повлекување на „широкиот, сеопфатниот и двосмислен“ меморандум од Канцеларијата за управување и буџет на САД.
Според него, тоа е направено „само на хартија“, а можеби и со цел да се отежнат правните оспорувања.
Судијата издаде привремена забрана за администрацијата да ја суспендира финансиската помош за сојузните држави.
Мекконел, кој беше назначен од поранешниот демократски претседател Барак Обама, истакна дека Конгресот не му дал на претседателот „неограничена овластување на широко и неодредено време да ги замрзне сите средства кои се експлицитно определени за конкретни корисници и цели“.
Додаде дека ненадејното замрзнување на потенцијално трилиони долари федерални пари ќе предизвика верижна реакција што директно ќе ја загрози способноста на американските сојузни држави и другите институции да обезбедуваат основни услуги за своите граѓани.
Трамп веќе издаде извршни наредби со кои се обидува да ја запре странската помош, да ги замрзне федералните вработувања, да ги елиминира програмите за различности во десетици федерални агенции и да го промени статусот на федералните службеници за да ги олесни отпуштањето, истовремено нудејќи финансиски стимулации на милиони службеници да ја напуштат државната служба.