
Видеоснимка на која, како што тврди Обвинителството, се гледаат Љупчо Палевски-Палчо и Велибор Манев како со возило „рено кангу“ се враќаат во седиштето на партијата Десна по извршувањето на убиството на Вања Ѓорчевска, беше прикажана на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на 14-годишното девојче и велешанецот Панче Жежовски. Снимката која ја презентираше обвинителскиот тим е од системот „Безбеден град”, а е направена на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ кон Бит Пазар.
– Во 7.33 се забележува „цитроенот“ по Партизансска од каде врти десно кон Рузвелтова. На истиот запис се забележува регистрацијата VE 2931 AD, од возилото на оштетениот Панче Жежовски. На второ видео се гледа како возилото се движи по Рузвелтова кон Илинденска. На трето видео е на раскрсницата кај „МИДА“, односно на Илинденска со 8 Септември. Во 7.37 часот се забележува како „цитроенот“ навлегува од десно и застанува на семафорите во третата десна лента. Во 7.39 часот возилото продолжува право по булеварот 8 Септември, кон Момин Поток. Се забележува дека има совозач, и на задното седиште има едно лице – рече обвинителката.
На друга снимка се виде истата раскрсница од друг агол. Во 7.39 часот се гледа како поминува „цитроенот“ и се движи право, по булеварот 8 Септември кон Момин Поток.
На следните две видеа кај мостот кај хотелот „Александар Палас“ во 7.42 часот се забележува возилото „цитроен“ како се движи право, до кружниот тек.
Се презентираа видео снимки од камери и од Визбегово.
– Наредниве видео записи се прибавени од комерцијални објекти во Визбегово. Тоа се објекти лоцирани на патот од Визбегово кон Горно Оризари и на нив се забележуваат движењата на двете предметни возила од настаните „рено кангу“ и „цитроен“, на 27.11.2023 година. Во „рено кангу“ има едно лице, а во „цитроенот“ има три лица. Во 7.49 часот на камера од автоплац се гледа движењето на „рено кангу“, реалното време е 7.55 часот. Пет секунди по него поминува „цитроенот“. На друга камера од објект за стари возила, во 7.55 се гледа „рено кангу“, по него поминува „цитроенот“. На трета камера во 7.56 часот се забележуваат двете возила, кои се движат во насока кон Горно Оризари. На четврта снимка, на која нема време, но е прибавена за ден 27.11.2023, се забележува темен густ чад како се издига од местото каде што е запален „цитроенот“ – рече обвинителката Жаклина Јосифовска Крстевска.
На снимка од приватна куќа од селото Горно Оризари во 7.59 часот се гледаат двете возила, а во 9.39 часот се враќа само „реното“. Куќата се наоѓа на патот што води кон селото Бразда.
– Сега ќе гледаме видео од двете возила по извршувањето на убиството на Вања, се движат во насока на местото каде е запален „цитроенот“. Локацијата на пречистителната станица од која е прибавен видео записот е во селото Бразда, за ден 27.11.2023 година. Времето од видеото е за 1 час и 7 минути понапред од реалното време. На видеото во 9.08 часот се гледа како поминува „рено кангу“, а по 11 секунди се забележува како поминува и „цитроенот“, кој го следи „кангуто“. Во 9.21 часот се забележува како поминува „рено кангу“, „цитроенот“ не се враќа назад – рече обвинителката.
Потоа се презентираа снимки од „Сејф сити“ од движењето на „рено кангу“ на 27.11.2023 по извршувањето на кривичното дело, во времето од 9.48 часот од Чаир кон седиштето на Десна.
– На раскрсницата меѓу Христијан Тодоровски Карпош со улицата Ферид Бајрам во 9.48 часот се забележува „реното“ како се движи по Христијан Тодоровски Карпош во насока од Чаир кон Бит-пазар. Во него има две лица. На второ видео на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во 9.50 часот се забележува како „рено кангу“ (SK 403 UI) се движи од Чаир кон Бит-пазар, со две лица. Може да се види дека возилото го управува лицето Љупчо Палевски, а на совозачкото седиште седи Велибор Манев во џемпер – рече обвинитеката.
На денешното рочиште беа презентирани снимки и во врска со убиството на Панче Жежовски, како и фотодокументација од местото каде што е пронајдено неговото тело.
Палевски и неговата одбрана приговараа на изнесените докази. Тие имаа забелешки дека од снимките не можат да се препознаат лица и да се тврди дека тоа се Палевски и Велибор Манев.
Првообвинетиот Палевски имаше забелешки и во однос на времињата на убиствата наведени во обвинителниот акт и оние што произлегуваат од снимките презентирани денеска.
Следното рочиште е закажано за в петок (7 февруари), кога треба да сведочи Гоце Трајковски.