Се огласи британската влада по најавата на Трамп за воведување на царини во ЕУ

Обединетото Кралство има „фер и избалансиран“ трговски однос со Соединетите држави, изјави владиниот портпарол во Лондон откако американскиот претседател Доналд Трамп ја навести можноста за договор за царини меѓу двете земји.

„САД се незаменлив сојузник и еден од нашите најблиски трговски партнери“, рече портпаролот, додавајќи дека таквиот однос е од корист на „двете страни на Атлантикот“, пренесува Ројтерс.

Британскиот министер за бизнис и трговија Џонатан Рејнолдс смета дека неговата земја треба целосно да биде ослободена од американските царини бидејќи САД немаат трговски дефицит со Велика Британија, јави Би-Би-Си.

Трамп најави дека наскоро ќе воведе увозни царини за стоки од Европската унија.

Според податоците на Евростат за 2023 година, дваесет земји-членки на Европската унија извезле повеќе стоки во САД отколку што увезле од оваа земја.

Најголем трговски суфицит со САД остварила Германија, потоа Италија и Ирска.

Германија, најголемата економија во еврозоната, би можела да биде најтешко погодена доколку Трамп воведе трговски царини за Европската унија.

Повеќе од 30 отсто од целиот трансатлантски извоз на стоки од ЕУ во САД во 2023 година доаѓа од Германија, додава британскиот јавен сервис.

Запрашан дали слични мерки ќе влијаат на Британија, Трамп одговори:

– Ќе видиме што ќе се случи. Може да се случи.

Сепак, тој додаде дека моментално е фокусиран на трговските односи со ЕУ.