Отворено обраќање до амбасадорот на САД во Република Македонија нејзината екселенција Анџела Агелер

Значи Албанците во Тетово да негуваат одделен спомен, Македонците одделен? Ова е класичен пример за дезинтеграција, а не за интеграција. Тоа не води кон чувство за заедничка иднина на младите Албанци и Македонци, туку негува чувство „вие со вашите, а ние со нашите“. Каква унитарна држава е таа? Интегративно е ако заеднички ги уважуваме личностите кои се вложиле во изградба на оваа држава независно од која националност. А, во Република Албанија и Косово нека се уважуваат личности кои дале придонес за тие држави.

Градоначалникот Билал Касами да даде придонес во интеграцијата, а не да дезинтегрира!

Почитувана Екселенцијо!

Инсипиран од натписот објавен во весникот „Нова Македонија“ од 30 јануари 2025 година, под наслов: „Во унитарна држава локалната власт не може да биде власт сама за себе и заради себе“, решив да Ви се обратам како на ценет и уважуван амбасадор во Република Македонија.

Почитувана Екселенцијо!

Години наназад, поведението на градоначалникот Билал Касами кон сензитивните прашања за граѓаните Македонци во градот Тетово е крајно непримерен и недопустлив.

Општо би рекол дека односот му е непримерен кон сите граѓани, бидејќи очигледно не покажува доволна грижа за комуналните проблеми, а тоа се докажува преку обична анкета на улица. Касами циклично, од време на време, наметнува некаков националистички набој (дестабилизирачки за безбедноста на државата) со кој прави остра дезинтеграција. Последно е покренувањето на темата за преименување на улици во изборна година кога треба да се одржат локалните избори.

Почитувана Екселенцијо!

Концептот што ја создаде државата Македонија со многу жртви и народни херои, за  градоначалникот Билал Касами бил застарен, па ќе го менувал со фашистичко – балистички концепт, кој е осуден во Европа и САД!

Преименувањето на имиња на објекти и улици не е престап и треба да се случува согласно нови општествено-политички контексти. Но, ако погледнеме сеопфатно, Касами и други политички претставници од албанскиот корпус форсираат имиња на историски личности и настани од историјата на Република Албанија и Косово! Тоа се забележува и на училишни приредби, манифестации, културни настани и слично. Имиња на припадници на Ослободителната војска на Косово, основачи на албанската држава кои ама баш никако не се поврзани со историјата на македонската држава во кои сме сите еднакви граѓани или историјата на Македонија. Затоа се силни реакциите на социјалните мрежи, затоа се силни стравовите на граѓаните од градот Тетово.

Сакам да потенцирам дека Македонците и Албанците имаат многу заеднички допирни точки во историјата, особено кога двата народа биле дел од Османлиската држава, потоа во периодот на меѓу двете светски војни и во Антифашистичката војна. Со доза на иритираност, прашувам: Зошто не се воздигаат историски личности Албанци кои многу придонеле за развојот на политиката, културата, науката и спортот од 1944 година, па до денес, сеедно дали државата се викала федерална, народна или социјалистичка Република Македонија? Тоа се тие интегративни концепти, заеднички да ги почитуваме и славиме личностите од различна националност кои ја граделе оваа заедничка држава изминативе 80 години. Кој добронамерен Македонец од Тетово би бил против улица да се нарекува Неџат Аголи од Дебар, министер во првата македонска Влада после ослободувањето?!

Почитувана Екселенцијо!

Градоначалникот Касами, нека отвори обични енциклопедии да најде имиња на Албанци од Македонија или му ја препорачувам книгата „Македонија од антифашистичката војна (1941-1945)“, од проф.д-р Марјан Димитријевски, на задните страници има цели списоци на Албанци кои загинале како учесници во Антифашистичката војна во Македонија. Зарем тие не заслужуваат да имаат улица на свое име?

Наместо карта на голема Албанија овде треба да стои графит со ликот на фудбалерот Артим Шаќири

Ете, тоа е амбасадорке суштината на колективната фрустрација, докажаната тенденција на градоначалникот Касами во недостиг на опипливи резултати во практикувањето на локалната власт, да го крева националниот сентимент. Концептот на историјата на албанскиот народ (независно дали живее во Албанија, Грција, Косово, Македонија, Србија или Црна Гора – заедништво на албанскиот народ) и историјата на македонскиот народ пресликан во имиња на улица и објекти кој треба да го негува културно-историското сеќавање на граѓаните.

Значи Албанците во Тетово да негуваат одделен спомен, Македонците одделен?

Ова е класичен пример за дезинтеграција, а не за интеграција. Тоа не води кон чувство за заедничка иднина на младите Албанци и Македонци, туку негува чувство „вие со вашите, а ние со нашите“. Каква унитарна држава е таа? Интегративно е ако заеднички ги уважуваме личностите кои се вложиле во изградба на оваа држава независно од која националност. А, во Република Албанија и Косово нека се уважуваат личности кои дале придонес за тие држави.

Почитувана Екселенцијо!

Во оваа прилика од лично име и од име на многу мои пријатели сакам да Ве замолам да го искористите вашиот авторитет да му влијаете на градоначалникот, прво во изборна година да не наметнува вакви теми и да ја вознемирува локалната заедница. Друго, да разбере, дека посебно во град со мешан етнички состав има одговорност кон сите и треба секоја постапка добро да ја осмислува. Посебно, кога устите ни се полни за евроинтеграции, а дома се’ правиме за дезинтеграција. После одржувањето на локалните избори, идниот градоначалникот, кој и да е, нека се консултира со општинскиот Совет, со претставници на различни граѓански здруженија, со Институтот за национална историја, со локалниот музеј и културни установи, пред да отпочне било каква промена на имиња на улици и објекти. Прво консултации, потоа изјави за медиуми. А, најважно од се’ е да се форсираат личности и настани од локалната историја или од заедничката историја.

На крајот, Касами и сите други градоначалници на даночните обврзници нека им овозможат раскошни паркови, чисти улици, навреме исчистени контејнери. Нека развиваат силни урбани и месни заедници каде што ќе се негуваат солидарноста и мултиконфесионалноста, дајте придонес во уривање на сите бариери меѓу младите, до Европската Унија со невидливи ѕидови, скептик сум дека лесен ќе ни биде патот.
Амбасадорке, често ќе го сретнете американското знаменце по кабинетите на локалните самоуправи, ама ништо корисно нема да најдете од американскиот пример во функционирање на општините!

Почитувана Екселенцијо!

Очекувам, Ваша целосна опомена кон градоначалникот Касами, кој воедно е и претседател на политичката партија Беса, за мултиетничко живеење и почитување на унитарноста на Република Македонија. И еднаш за секогаш да ја сфати Гоцевата порака:

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес