Премиер лигата воведува „полиција“ за прославувањето на играчите

Англиската Премиер лига размислува да воведе санкции за „потсмевањето“ и „непристојноста“ при прославувањето на погодоците, пренесуваат британските медиуми.

Навивачите сакаат да гледаат како нивните играчи им „тријат сол на раната“ на противниците откако ќе постигнат гол со соодветно „тематско“ пославување. Сепак, англиските медиуми пренесуваат дека водството на Премиер лигата размислува да ги казни играчите кои имаат цел да ги испровоцираат противничките играчи и навивачите со својот начин на прославување на головите.

„Некои од прославите беа многу смешни, забавни, но има линија. Кога тоа ќе премине во потсмев или критика, тогаш ќе треба да се справиме со тоа“, изјави директорот на Премиер лигата, Тони Сколс за Sky Sports.

Минатиот викенд, 18-годишниот напаѓач на Арсенал, Мајлс Луис-Скели го имитираше напаѓачот на Сити, Ерлинг Халанд при неговата прослава на голот на лондонски „Емирати“. Арсенал го декласираше Сити со 5:1, а младиот играч за врска го постигна третиот гол на натпреварот.

Поранешниот напаѓач на Арсенал, Тео Волкот го пофали Луис-Скели за неговата сила на карактерот, велејќи: „Тој воопшто не се плашеше од Халанд“. Сепак, Гери Невил и Џејми Карагер сметаат дека постапките на 18-годишното момче биле непочитување.

Неодамна, напаѓачот на Евертон, Илман Ндијаје, доби жолт картон откако го постигна победничкиот гол за својот тим против Брајтон, а потоа славеше мафтајќи со рацете како галеб, што е симбол на противничкиот клуб.

Капитенот на Лестер Сити, Џејми Варди, исто така, се најде на мета на критики за неговата прослава на гол против Тотенхем минатиот месец. Варди постигна гол, а потоа покажа на грбот на дресот исмевајќи ја „празната“ просторија за трофеи на Спарс.

„Играчите мора да најдат рамнотежа“, додаде Сколс.