
Целта на пресметката на синдикалната минимална потрошувачка кошничка не е да ги информира граѓаните колку пари им треба за да преживеат, туку да им посочи на креаторите на политиките дека не се живее со толку, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов за Телевизија 24 вели дека премиерот Христијан Мицкоски или нешто не разбрал или лошо го советуваат во Владата. Да, помеѓу 63-те производи кои влегуваат во кошничката има и цреши за кои реагираше Мицкоски има и Нескафе, но синдикалецот вели пресметката е за цела година, односно во просек се купуваат околу три килиграми цреши, кои според пресметката доаѓа по 10 грама дневно или две цреши. За нес кафето, за кое исто така реагира премиерот пресметката вели дека со една лименка од 250 грама месечно доаѓа по едно кафе во денот.
„Во пресметката која ние ја доставивме до Владата за да бидеме фер социјален партнер и тоа што им го преентиравме на нив, алкохол, алкоголни пијалаци и тутун нема. Не знам кој од советниците му презентирал така. Одбирањето на производит со кои ќе ја нападнете кошничката, наместо да ги нападнете трговците да потрошеа толку енергија колку што трошат на сузбивање на методологијата на пресметка која е синдикална работа во справување со нефер трговските практики верувам дека цените ќе беа за 30 проценти пониски. “, вели Трендафилов.
Што содржи конкретно кошничката на синдикатот? Еве дел од производите и како тие се распределени: На едно четири члено семејство му се потребни во просек леб и половина за еден ден, по една чаша млеко и јогурт, две турски кафиња или само едно нескафе, млечните производи се по едно мало парче или до 60 грама во просек. Месото и сувомеснатите производи пресметката вели дека учестуваат со 40 до 80 грама во денот. Во однос на пијалаците, газиран или густ сок пресметката вели во просек по една чаша дневно не по човеќ туку по семејство.
ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА
Бел леб 450г – 1,5 леба
Ориз 900г – 70грама
Кафе турско 200г – 20грама
Нескафе 200г – 1 кафе
Млеко 1л – 1 чаша
Јогурт 1л – 1 чаша
Кравјо сирење – 60 грама
Јајца 11 – 0,3 јајца
Свинска кртина 1кг – 80 грама
Говедско месо 1кг – 70 грама
Пилешко месо 1кг – 40 грама
Ослиќ 1кг – 60 грама
Чајна 1кг 60 грама
Кока кола 1, 75 1 чаша
Сок од портокал 1л 1 чаша
Во 63 те производи влегуваат и најчестите сезонски зеленчуци и овошја, но и десерти кои граѓаните ги купуваат во земјава.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека добар дел од производите кои некогаш биле редовни на трпезата, веќе се луксуз.
Анкета граѓани: „Богами ни станува луксуз. Колку пати на трпезата има месо? Па месо има ама во која количина зависи. Значи ако порано се правело во поголеми количини сега се прави во многу помали за да има за секого по малку. Сезонско овошје, зеленчук? Па се купува ама во многу мали количини. Ако сме јаделе по три јаболки сега ќе јадеме по една јаболка.“
Анкета граѓани: „Денеска се е луксуз, во смисол цените се мнугу поголеми во однос на тоа што реално треба да се. Месо ако дојдат децата евентуално ако се најават да дојдат за викенд инаку јас и жена ми дома, некоја манџичка компир манџа, два три дена. Оривче со копанче, два три дена и така.“
За да направиме компарација со стандардот на политичарите, телефонски побаравме неколкумина актуелни функционери на власта, но и дел од опозиционерите, да ни одговорат, колку и какво овошје купуваат во текот на месецот, какво месо најчесто јадат и колку пати во текот на неделата. Дали зеленчукот им е скап во зима и колку пари тие трошат за храна во текот на еден месец.
Ниту еден не сакаше да одговори на нашите прашања.
За набавка на сите прехранбени производи кои влегуваат во пресметката на синдикалната потрошувачка кошничка на едно четири члено семејство му е потребна една минимална плата. Доколку има двајца вработени во домот кои земаат минимална плата тогаш тогаш тие нема да може да ги исполнат сите потребни работи кои ги содржи месечната кошничка, бидејќи таа тежи повеќе од 1000 евра.