Имам закани од психопативе преку членови на партијата, сведочеше Трајковски

Со сведочење на Гоце Трајковски, во скопскиот кривичен суд продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Сведокот изјави дека освен таткото на Вања не ги познава останатите обвинети за двете убиства. Трајковски при сведочењето откри дека имал закани од членови на партијата Десна, да внимава што ќе зборува за да не пропадне во бунар.

На почетокот Трајковски им се обрати на обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, им рече да престанат со заканите, зашто им поднел пријави.

„Имам закани од психопативе овде, преку членови од партијата на Фејсбук што ја имаат.

„Не им се плашам. Им пцуев и мајки и шајки, сѐ живо. Не сум ви јас 14-годишно девојче и немоќен старец па да ви се плашам!”, кажа тој.

Сведокот, кој е син на Кираца Трајковска, посочи дека неговата мајка го знаела семјството на таткото на Вања и му кажала да му помогне откако девојчето исчезнало.

Тогаш Трајковски и Александар Ѓорчевски првпат се виделе по што почнале сами да бараат информации за случајот и снимки од безбедносни камери. Тој потврди дека барал од другар полицаец информации дали Вања ја имало на снимките од Сејф сити, по што му било кажано дека цела полиција ја бара и ја нема никаде на снимки.

Трајковски на денешното рочиште истакна дека полициски инспектор му рекол да оди во станот на таткото на Вања, Александар, и да снима и да провери дали Вања е сокриена во плакар или во тоалет.

– Се согласив, ама и се јавив на сестра му на Александар и и кажав што побарале од мене. Таа ми рече оди слободно, ама не и беше јасно зошто ме праќаат кога полицијата веќе два пати била во станот, рече Трајковски.

Гоце Трајковски беше недостапен кога требаше да зведочи бидејќи беше во бегство како осомничен за подметнат пожар.