Украинската драма – втор чин

Зголемување на бројот на македонските дипломати во Киев може да отвори врата и за евентуално учество на македонски компании во обновата на Украина. Во овој момент на Украина и се потребни околу 500 милијарди долари за обнова на земјата. Од тие пари 17% се потребни за домување, 15% за транспорт, 14% за индустрија, 12% за земјоделие. Сектори во кои македонските компании сами или заедно со партнери од други држави би можеле да влезат.

Војната во Украина, се чини привршува. Битките по целата линија на фронтот, сеуште се жестоки. Руската армија, бавно, но сигурно напредува. Впечаток е дека всушност и нема кој сериозно да и’ се спротивстави. Украинската армија има сериозен недостаток на војници, а и тие што ги има се преморени. Моралот секој ден се намалува, а бројот на дезертерите се зголемува. Државниот секретар на САД, Рубио, ова најдобро го објасни: „…проблемот со кој се соочува Украина не е тој дека им недостасуваат пари, на нив им недостасуваат Украинци…“. Над 50% од Украинците сакаат прекин на војната. Изборот на Трамп за претседател на САД дава надеж за исполнување на оваа желба. Дипломатијата, полека но сигурно, ги истуркува генералите од главната сцена.

Изминатава недела, претседателот Трамп во два наврата зборуваше за ова прашање. Во првата изјава тој истакна дека Русија и САД зад сцена водат разговори, кои се во функција на подготовка на заедничка средба со Путин. И во оваа прилика тој одби да одговори дали лично имал телефонски разговор со рускиот колега. Во втората своја изјава Трамп изјави: „…ние направивме голем прогрес по прашањето на Русија и Украина, да видиме што ќе се случи. Сепак голем прогрес е направен. Ние мора да ја запреме оваа апсурдна војна…“. На првата изјава, со мало задоцнување, реагираше прес секретарот на Путин, Песков. Тој во изјава за медиумите истакна: „…Доколку погледнете во неговата изјава очигледно контакти се планирале. Ние исто така имаме процес на планирање, затоа немаме што ново да кажеме…“. Ваквиот одговор, кој не кореспондира исцело со искажаните зборови на Трамп, е показател дека Москва не негира водење на разговори. Два дена подоцна, изминатава среда, тој самиот се корегираше. Изјави дека разговори се водат на ниво на различни оддели. Според него, поселеднава недела тие се интензивирани. Се чини, во право се некои новински агенции кои објавија дека во периодот на одржувањето на Минхенската конференција за безбедност САД ќе го објават својот предлог. Ова кореспондира со информацијата дека на 20 февруари, специјалниот пратеник на претседателот Трамп, ќе го посети Киев, а веднаш потоа ќе ги брифира и сојузниците. Шпекулациите одат до таму што веќе се зборува дека кон крајот на април, ќе биде прогласено примирје.

Паралелно со изјавите на претседателот Трамп, изјава даде и неговиот специјален пратеник за Украина, Келог. Тој јасно потенцираше дека „…решавањето на Руско-Украинската војна е од национален интерес на Соединетите Држави…“. Ова е за прв пат, висок преставник на вашингтонската администрација да потенцира дека војната во Украина ги засега националните интереси на САД. Се разбира, тој не потенцира за кои национални интереси се работи, но едно е јасно. Трамповата администрација со прекинот на непријателствата сака да извлече максимум за себе. Всушност Трамп, кој и така не може да молчи, веќе изјави: „…Јас сакам да имам обезбедени ретки метали. Ние вложуваме стотици милијарди долари (во војна и хуманитарна помош). Тие (Украина) имаат големи резерви на ретки метали. Јас сакам да обезбедам ретки метали, а тие се вољни да го сторат тоа…“. Само за илустрација. Украина има 20.000 минерални депоа, со околу 116 видови на минерали. Таа поседува 7% од светските резерви на титаниум и 50.000 тони литиум.

Изјавите на американската страна, не остануваат неодговорени. Русија возвраќа, но на повисоко ниво. Нејзиниот министер за надворешни работи, Лавров, во изјава за медиумите, истакна дека САД треба да прифатат воспоставување на систем на баланс на интереси, во светот. Прес-секретарот на Кремељ, Песков, отиде и чекор понатаму. Во изјава за медиумите, по повод годишнината од конференцијата на Јалта, тој изјави: „…Светот се менува, во светот се појавуваат повеќе центри на моќ и на економски и на воен план, и на планот на безбедноста. Светот станува мултиполарен, а поедини полови веќе не се во состојба да ја обезбедат безбедноста и стабилноста во светот. Мултиполарноста е фактор кој не може да се игнорира и според неа треба да се ориентираме. И разбирливо претстојат уште многу дискусии за идната конфигурација на светските работи…“. Всушност, кажани само со други зборови, овие барања на Русија исцело кореспондираат со барањата изнесени пред започнувањето на инвазијата врз Украина. Земјите членки на НАТО едногласно ги одбија. Војната започна!

Војната во Украина, како за Русија, така и за западните сојузници, беше и е колатерала. Првата сакаше да го спречи членството на Украина во НАТО, гледаќи на тоа како безбедносен предизвик. За втората страна, војнта во Украина беше можност да се скрши рускиот режим, а со тоа и новиот руски национализам. Дополнително да се елиминира можноста од воспоставување на моќен руско-кинески сојуз, кој би бил предизвик за западната доминација. Резултатот од тригодишната војна и потрошените 400 милијарди долари, само на страната на Западот, руските не се знаат, покажуваат дека едно се плановите, а друго е реалноста. Глобалниот југ едноставно ја игнорираше оваа војна. Не зазеде страна! Со самото тоа и овозможи на Русија да ги преживее санкциите и да ја задржи својата глобална  позиција Се разбира улогата на Кина не смее да се игнорира. Таа играјќи на картата на неутралност, се покажа  како достоен сојузник на Русија.

Во секој случај, евентуалните разговори за глобалните прашања, нема да можат да започнат без да се постигне примирје. И тука настапува првиот голем предизвик. За да се обезеди примирјето, Украина бара земјите членки на Европската Унија да испратат мировни сили. Поголем број од нив вербално се согласуваат. Сепак, анализите покажуваат дека се работи за огромна бројка на војници. Најскромата проценка е 20.000, а максималната, што ја бара претседателот Зеленски е 200.000. Разбирливо, линијата на разграничување на двете армии е долга над 2.000 километри. Првото прашање е дали заинтересираните држави се во можност и вољни да испратат толку војници. Второто кој ќе ги плаќа тие трошоци, посебно што никој не може да знае колку време ќе траат мировните преговори. Третото е најважно! Дали Русија ќе го прифати ова и под кои услови.

Вториот голем предизвик е условот на претседателот Путин за одржување на претседателски избори во Украина, пред започнување на преговорите. За него,  претседателот Зеленски, заради истечениот мандат, нема легитимитет да води преговри и да потпише мировен договор. Украина на почетокот ја отфрли оваа идеја. По повторното барање, сега од американска страна, таа изјави дека за ова прашање е подготвена да разговара со Вашингтон. Таа ќе попушти. Тоа е повеќе од јасно. Но, ова нема да биде така едноставно. Одржување на избори побарува и демобилизација на војската, покра ј сите останати технички и материјали предизвици, со кои во моментов се соочува Украина. Тоа побарува доста време. Оттука се чини дека Русија, доколку добие гаранции дека избори ќе се одржат, ќе прифати започнување на преговорите пред да се избере новиот претседател. Но, за успех на преговорите и ова не е гаранција. Прашање е дали новиот претседател ќе прифати да се откаже од деловите на територијата освоени од Русија. Делови, кои согласно руското законодавство, но и фактичката состојба  сега се дел од територијата на Русија. За нив Русија нема да сака да разговара.

Може да се набројуваат и анализираат и останатите руски барања, но едно е јасно. Примирје ќе може да се постигне и тоа релативно брзо. Предизвик може да преставува инсистирањето на Претседателот Зеленски во разговорите да бидат  вклучена и Украина и Европската Унија. Во оваа фаза тешко. Во крајна линија, претседателот Трамп лично посакува Нобелова награда за мир. Како и да е,  примирје е една работа, мировни преговори друга. Тие еден ден ќе мора да започнат. Дали и кога ќе завршат е непознато. Исто како што е непознато однесувањето на Европската Унија, а пред се’ на нејзините најголеми држави.  Претседателот Трамп е во лесна позиција. Тој уште на почетокот на изборната кампања јасно стави до знаење дека е против оваа војна. За разлика од него, лидерите во Унијата, и старите и новоизбраните, цело време ја потикнуваа Украина да продолжи со воените дејствија. Во последно време молчат. Маневарскиот простор им е стеснет. Единствено што можеа да сторат, го сторија. Објавија дека преговорите за членство во Украина ќе започнат оваа година. Колку да го спасат образот!

Барањата на Русија во разговорите со САД да се отворат глобалните безбедносни и сигурносни прашања, во еден дел подразбира НАТО да ја прекине политиката на „отворени врати“ кон Украина. Истовремено таа да прогласи и неутралност. Барања кои Трамп може и да ги прифати, но не без последици за самото НАТО. Европските земји, членки на оваа организација, премногу вложија во оваа војна за да можат така лесно да прифатат да бидат заобиколени. Дотолку повеќе што зад неа се крие желбата на Русија за целосна реконструкција на безбедносната архитектура во Европа. Барање за кое САД се немаат изјаснето, но претседателот Трамп изјави дека посакува 20.000 американски војници да се повлечат од Европа.

Последната изјава на Трамп, за раселување на Палестинците од Газа и американска окупација на оваа територија, во светот никого не оставија рамнодушен. Таа изјава јасно покажува дека тој не размислува согласно утврдената и општо прифатена матрица во меѓународните односи. Таа треба да биде мотив повеќе Република Македонија, во следниве неколку години, да вложи дополнителни капацитети во Министерството за надворешни работи. Потегот со испраќањето на амбасадор во Украина е за поздравување. Убаво би било доколку во амбасадата во Киев се зголеми и бројот на дипломатите. Едноставно, македонскиот државен врв треба директно и од прва рака да биде информиран за текот на преговорите со Русија, но и за позициите на останатите инволвирани држави. Може да звучи претендициозно, но решавањето на прашањето на Украина, преку исполнување на клучните руски барања, ќе влијае и врз иднината на Европската Унија, но и НАТО. Прашања што се од исклучителна важност за наше позиционирање во евентуалната нова европска безбедносна и сигурносна архитектура.

Паралелно со ова, зголемување на бројот на македонските дипломати во Киев може да отвори врата и за евентуално учество на македонски компании во обновата на Украина. Во овој момент на Украина и се потребни околу 500 милијарди долари за обнова на земјата. Од тие пари 17% се потребни за домување, 15% за транспорт, 14% за индустрија, 12% за земјоделие. Сектори во кои македонските компании сами или заедно со партнери од други држави би можеле да влезат. Всушност, во овој момент голем број на компании имаат свои лоби преставници. Посебно Турција. Нејзини компании веќе и работат инфраструктурни проекти. Нема ништо да изгубиме ако ги контактираме. Во овој контекст требе да се потенцира дека украинскиот министер за надворешни работи, во изјава за „Асошиејтед Прес“, изминатава среда, истакна дека неговата земја сака со земјите партнери да соработува на проекти вредни милијарди долари, посебно во енергија и градежништво.

Автор: Јован Донев за НетПрес