Васил Јованов e осуден на 3 години и 10 месеци затвор, за претходното дело, не за убиството на Фросина

Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Васил Јованов за претходното дело, а жалбата на ОЈО Скопје ја уважи и ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом и го осуди на единствена казна затвор во траење од три години и десет месеци.

Одлуката по кривичниот предмет KЖ- 1047/24 е донесена на нејавна седница одржана на ден 05.02.2025 година.

– Решението на ОК Скопје К.бр.1439/24 од 31.07.2024 година, го преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција – изречената заводска мерка Упатување во воспитно-поправен дом на начин што за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 1-една година и за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в член 22 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3-три години и согласно член 44 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 3– три години и 10-десет месеци, се вели во соопштението од Апелација.

Вака донесената одлука со образложени причини за истата, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Инаку, Васил Јованов на 29 јануари годинава, управуваше возило „Пежо 207“ без возачка дозвола и под дејство на алкохол, при што удри во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, по што таа почина на лице место.