
Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија денеска е презентирана од страна Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената политичка партија на Македонците во Албанија на средба во Корча со претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ и Демократски сојуз.
Лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски истакна дека присуството на претставниците на политичките партии од власта и од опозицијата во Корча е јасен показател дека грижата за Македонците во Албанија е национален интерес кој ги надминува партиските разлики.
– Сите ние сме овде со една заедничка цел – да го одбраниме нашиот идентитет и да изградиме поцврста основа за иднината на Македонците во Албанија. Како политички субјект што произлегува директно од македонската заедница во Албанија, нашата главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции. Ниту една друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците на македонската заедница, што нè прави единствен и посветен застапник на нејзините права и слободи. Нашата борба не е само политичка – таа е битка за опстанок, за зачувување на вековните македонски корени во овие простори – рече Стерјовски.
Тргнувајќи од сложената положба на Македонците во Албанија како автохтоно население, и соочувајќи се со предизвиците од агресивната бугарска политика за бугаризација и асимилација, како партија, рече тој, решивме да ja организираме оваа средба во Корча.
Целта е да се дефинираат долгорочни мерки и активности за поддршка на македонското национално малцинство во Албанија преку институционални, дипломатски, културни и економски механизми.
„Македонското национално малцинство во Албанија е составен дел од македонскиот народ со трајни историски, културни и духовни врски со својата матична држава. Со оваа стратегија очекуваме да се обезбедат правата на македонското национално малцинство во Албанија, да се даде поддршка за целосна примена на законските права на Македонците во Албанија согласно меѓународните стандарди и да се поттикнат процесите за негово признавање и официјално евидентирање во региони каде што постои, но не е признато“, рече Васил Стерјоски, лидерот на МАЕИ.
Според него, се бара од Албанија, согласно меѓународните конвенции да обезбеди услови за изучување на македонскиот јазик во сите средини каде што живеат Македонците.
Во стратегијата е опфатено и барањето за повторно отворање на училиштата на македонски јазик во областа Голо Брдо и во областа на Гора, како и подготовка на учебници на македонски јазик за училиштата во Албанија, во согласност со наставните програми, кои би ги печатела албанската држава.
Во делот на културната поддршка се бара можност за организирање на културни манифестации и фестивали поврзани со македонско културно наследство, како и издавање книги, списанија и медиуми на македонски јазик во Албанија, но и помош за отворање на радио станица на македонски јазик.
За дипломатските активности се предлага збратимување на Битола и Корча, но и отворање на генерален конзулат на Македонија во Корча.
Како економски развој се бара поддршка за македонски инвеститори да инвестираат во регионите каде што живеат Македонците во Албанија, како и помош за развој на туризмот покрај Преспанското езеро.
Се бара и 24-часовно функционирање на граничниот премин Џепиште-Требениште кај Дебар, кој досега е од локален карактер.
МАЕИ бара и поедноставување на процедурите за македонско државјанство за Македонците од Албанија.
„Со цел да се реализираат барањата од стратегијата потребно е формирање на Совет за поддршка на македонското малцинство – тело во рамките на Владата кое ќе ги координира активностите за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија, како и Фонд за поддршка на македонските здруженија во Албанија“, велат од партијата.
Според МАЕИ, оваа предлог-стратегија на состанокот во Корча е поддржана од сите претставници на парламентарните политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Демократски сојуз и Левица.
Во Корча денеска присуствуваат Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ, Методија Илиевски од СДСМ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитриевски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија.
Од страна на МАЕИ присутни беа претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана.