Виолина на Страдивари продадена за над 11 милиони долари

Виолина на италијанскиот мајстор Антонио Страдивари (1644-1737) е продадена за 11,25 милиони долари на аукција на Sotheby’s во Њујорк во петокот, соопшти аукциската куќа.

Наддавањето започна со 8 милиони долари, но таа сума порасна за неколку секунди, пишува Associated Press. Купувачот сакал да остане анонимен. Инструментот пред наддавањето во петокот беше изложен и во Хонгконг и во Њујорк, a Sotheby’s пред продажбата ја процени виолината во опсегот од 12 до 18 милиони долари, што се совпаѓа во рекордната цена што е постигната за некој инструмент со ознаката „Страдивариус“.

Направена во 1714 година, виолината „Јоаким-Ма“ го одбележа „златниот период“ на Страдивари.

„Ја одликува уникатен звук – богат, комплексен, длабок. <…> ‘Гласот’ на виолината не само што се слуша, туку може да се почувствува, ги открива најдобрите нијанси и дава експресивност на секоја музичка фраза. Ова е една од највеличествените виолини на којашто првокласните музичари се стремеле да свират со векови“, се вели во описот на веб-страницата на аукциската куќа.

Музичката академија New England Conservatory (NEC) ја понуди на продажба виолината наречена „Joachim-Ma Stradivarius“ од што приходите ќе бидат наменети за студентски стипендии, исполнувајќи ја желбата на Ма Си-Хон, музичар и дипломец на NEC кој на оваа институција ѝ ја донирал виолината.

Инструментот го зема своето име од нејзините двајца извонредни поранешни сопственици, виртуозот Јозеф Јоаким (1831-1907) и кинескиот виолинист и учител Ма Си-Хон (1925-2009).

Првиот ја добил виолината на 18-годишна возраст и се верува дека ја свирел на премиерата на Концертот за виолина на Јоханес Брамс во ре-дур во 1879 година. Во 1967 година, виолината ја купил Ма Си-Хон, кој студирал со еден од учениците на Јоаким на Конзерваториумот во Нова Англија. Кинескиот музичар свиреше на инструментот до крајот на својот живот и го остави во аманет на Конзерваториумот под услов еден ден да биде продаден за финансирање на програмата за стипендирање на институцијата.

Виолините на Страдивари, кои се продаваат за милиони долари, познати се по нивната исклучителна изработка, а најбарани се инструментите од неговиот „златен период“, меѓу 1700 и 1720-те години. Неговата виолина наречена „Lady Blunt“ од 1721 година во 2011 година беше продадена за рекордните 15,9 милиони долари.