ЕК: Русија не смее да биде наградена за агресијата врз Украина

Русија не може да биде наградена за агресијата врз Украина, изјави денеска портпарол на Европската комисија, одговарајќи на новинарски прашања за разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин.

-Ништо не може да се одлучува за Украина без Украина, истакна портпаролот, додавајќи дека секој праведен и траен мир мора да ги вклучи Киев и ЕУ во преговорите.

Тој нагласи дека потенцијалниот мировен договор мора да ја гарантира територијалната целовитост, суверенитетот и независноста на Украина.

-Лош договор би значел повеќе војна. Нашата задача е да ја поддржиме Украина, рече тој, најавувајќи дека на претстојната Минхенска безбедносна конференција ќе учествуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според портпаролот, Европската Унија не била информирана за разговорот меѓу Трамп и Путин и не била консултирана за неговото одржување.