Деребан побара оставка од државниот обвинител Коцевски

ВМРО-ДПМНЕ наследи држава во која не владеат Уставот и законите, истакна заменик министерот за правда, Ален Деребан во синоќешното гостување на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“.

– Оваа Влада наследи држава во која секојдневно бевме сведоци на кршење на основните човекови слободи и права. Република Македонија беше доведена до степен да се декларира како држава во која владее правна несигурност, со длабоко вкоренети системски криминал и корупција, кои што го разјадуваат секое здраво ткиво од општеството – истакна Деребан.

Крајно време е да се воведат ред и правда во Македонија, истакна тој.

Деребан нагласи дека актуелната одлука на Владата за разрешување на републичкиот обвинител Коцевски е одличен потег и е еден од чекорите од борбата против криминалот и корупцијата.

Тој појасни дека работата на државниот јавен обвинител е да гони криминал и корупција, а не тој самиот да биде вклучен во истата.

– Јавниот обвинител наместо да се занимава со гонење на криминал и корупција, се занимава со внатрешно пресметување со останатите обвинители и со посредување при склучување на судски спогодби, каков што беше случајот со поранешниот врховен судија и поранешниот потпретседател на Советот за јавни обвинители – изјави Деребан.

Деребан се осврна и на составот на Судскиот совет, за кој истакна дека веќе не е кредибилен.

– Овој состав на Судскиот совет целосно го има изгубено својот кредибилитет и не може да биде носител, ниту дел од реформите во правосудството. Овој Судски совет е причина за голем број на домашни и меѓународни негативни извештаи. Исто така е причина за падот на индексот за перцепција на корупцијата, каде што е нотирано дека една од причините е лошата контрола на овој Судски совет врз судиите – заклучи заменик-министерот за правда Деребан.