ЕУ инсистира дека жителите на Газа мора да се вратат во своите домови

Европската унија планира да му порача на Израел следната седмица дека на Палестинците протерани од нивните домови во Појасот Газа треба да им се гарантира достоинствено враќање и дека Унијата ќе помогне во обновата на опустошената територија, се вели во документот во кој увид имала агенцијата Reuters.

Ставот на Брисел така е во согласност со арапските ставови, но е во спротивност со целта на претседателот Доналд Трамп, САД да ја преземат разорената крајбрежна енклава и да ја обноват во „блискоисточна ривиера“, додека жителите на Газа да бидат преселени во други земји.

Европската унија, која беше главен донатор на помош за Палестинците, ќе го претстави својот став пред израелските власти на разговорите во Брисел на 24-ти февруари, како дел од Советот за придружување ЕУ-Израел, што е прв таков состанок од 2022 година.

Нацрт-позицијата на ЕУ ја нагласува посветеноста на Европа за безбедноста на Израел, како и нејзиниот став дека „на раселените жители на Газа треба да им се обезбеди безбедно и достоинствено враќање во нивните домови во Газа“.

„ЕУ активно ќе придонесе за координирани меѓународни напори за рано закрепнување и обнова во Газа“, се наведува во документот.

Унијата, исто така, повикува на целосен хуманитарен пристап и „длабоко жали за неприфатливиот број цивили, особено жени и деца, кои ги загубија своите животи“.

„ЕУ силно се спротивставува на какви и да се активности што ја поткопуваат одржливоста на решението за две држави“, се додава во документот, осврнувајќи се на ставот дека Палестинците треба да имаат независна татковина покрај Израел.