ЕУ поддржува мир кој ги почитува независноста и територијалниот интегритет на Украина

Украина заслужува мир кој ќе ги почитува нејзината независност и територијален интегритет, со силни безбедносни гаранции, изјавија претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен по состанокот во Париз.

„Украина заслужува мир кој ќе ја почитува нејзината независност, територијален интегритет и силни безбедносни гаранции“, порачаа лидерите на двете европски институции во заедничката порака на социјалните мрежи.

Додадоа дека Европа го дава својот целосен придонес во воената помош за Украина и ја истакнаа потребата од зголемување на одбранбените капацитети на Европа.

Во понеделник попладнето во Париз се собраа лидерите на седум земји членки на ЕУ (Франција, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Холандија и Данска) и на Велика Британија, претседателите на Европскиот совет и комисија и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Состанокот беше свикан на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за да се обиде да најде заеднички одговор во однос на безбедноста на континентот откако САД стапија во директен контакт со Русија за обновување на меѓусебните односи со приоритет да се направи обид за постигнување договор и мировно решени за Украина. Во европските престолнини се стравува дека Вашингтон и Москва во билатерални договори ќе договараат прашањеа кои се однесуваат и на безбедносна архитектура на континентот а без нивно учество.