
Челниците на водечките европски земји и институции се состануваат во понеделникот во Париз на итен самит за да разговараат за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина поради стравувањата дека ќе бидат исклучени од разговорите.
Целта е да се договори заедничка стратегија за тоа како да се справуваат со Трамп, да се разгледа што може да му се понуди и да се види кои се европските ограничувања кога станува збор за руската инвазијата во Украина.
На состанокот во Париз се очекува да присуствуваат челниците на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти Елисејскиот дворец.
Францускиот претседател Емануел Макрон го организираше состанокот „за да започне консултации за ситуацијата во Украина и предизвиците што таа ги поставува за безбедноста во Европа“, се вели во соопштението, додавајќи дека „процесот може да продолжи и во други форми“. Состанокот беше договорен за кратко време за време на безбедносната конференција одржана во Минхен минатиот викенд, откако европските челници беа силно вознемирени од изјавите на американскиот потпретседател ЏејДи Венс, како и другите високопоставени претставници на американската администрација.
Дипломатите рекоа дека во Париз ќе разговараат и за тоа како Европа би можела да придонесе за евентуален мировен договор, откако САД ги повикаа Европејците да почнат да придонесуваат повеќе и во финансиска во воена смисла.
Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да бараат билатерално мировно решение, особено откако Трамп неочекувано и без да ги извести однапред минатата седмица телефонски разговараше рускиот претседател Владимир Путин.
За да го забрза преговарачкиот процес со Москва, администрацијата на Трамп претстави план кој го исклувува, барем во скорешно време, членството на Украина во НАТО, ќе ѝ направи на Русија територијални отстапки во однос на југоистичните територии со доминатно руско и рускојазично население, и ќе ја затвори вратата за американско учество во идните евентуални „воени мировни операции“ во Украина. Европската унија, односно челниците кои сега се собираат во Париз а кои не беа наклонети кон повторното враќање на Трамп во Белата куќа во американската изборна кампања, сега размислуваат за такви услови оценувајќи дека Вашингтон им го врти грб на сојузниците во полза на скучување билатерален договор со Путин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју за американската телевизиска мрежа NBC News за време на викендот, рече дека „никогаш нема да прифати какви и да се одлуки за Украина донесени меѓу Соединетите држави и Русија“, повторувајќи „никогаш“, а потоа го предупреди Трамп: „Не му верувај на Путин“.
Доцна во неделата, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Украина и Европа, исто така, треба да бидат вклучени во преговорите со Русија, но во некоја од подоцнежните фази. Москва засега не коментираше ниедна од изјавите кои доаѓаат од западните политичари, но тамошните коментатори предупредуваат дека руската страна често предупредува дека Западот досега не испочитувал ниту еден договор.
Состанокот во Париз се одржува во истата седмица кога Рубио, американскиот специјален пратеник Стив Виткофф и советникот за национална безбедност Мајк Валц во Саудиска Арабија треба да се сретнат со руската делегација. За време на разговорите во Саудиска Арабија на преговарачка маса нема да има ниту украински ниту европски претставници.