Германскиот вицеканцелар ја обвинува администрацијата на Трамп за „поткопување на западните вредности“

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна напад врз заедничките западни вредности, кои треба да се сфатат многу сериозно, изјави во неделата германскиот вицеканцелар Роберт Хабек.

Во петокот, на првиот ден од Минхенската безбедносна конференција, американскиот потпретседател ЏејДи Венс ја критикуваше одлуката на европските, и во прв ред германските етаблирани партии да не соработуваат со крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) и покрај нејзината голема поддршка од грашаните, во изјави кои беа остро отфрлени од официјален Берлин.

Венс го искористи својот говор на безбедносната конференција за да ја критикува ЕУ за кршење на слободата на говорот на нејзините граѓани и непочитување на волјата на гласачите.

„Се плашам дека слободата на говор е во опаѓање низ Европа“, рече Венс, правејќи паралела со „цензурата“ на социјалните мрежи во САД за која ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден. „Меѓутоа, ги прашувам нашите европски партнери, ако демократијата може да биде уништена со објави на социјалните мрежи за неколку стотици долари, ајде да се запрашаме за каква демократија се работи“, рече Венс алудирајќи на поништените претседателски избори во Романија на кои по провиот круг неочекувано во големо водство беше кандидатот на крајната десница.

„Тоа е… фактот дека она што некогаш дојде во Европа од Америка се напушта: владеењето на правото, либералната демократија и поредокот заснован на правила“, рече за време на предизборната дебата во живо емитувана од германскиот телевизискиот канал RTL вицеканцеларот Хабек, член на партијата на Зелените кои отворено се надеваа на победа на демократската кандидатка на ноемвриските избори во САД.