
-Поголемо и поквалитетно производство, сигурен пласман и поголем профит се само некои од придобивките на земјоделското здружување. Земјоделците преку здружување стануваат поконкурентни на пазарот. Во таа насока задругарството претставува клучен сегмент за модерно, конкуретно и извозно ориентирано земјоделство, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој денеска во Велес присуствуваше на настан организиран од Македонската асоцијација на земјоделски задруги за промоција на можностите за финансиска поддршка на земјоделските задруги во Македонија.
Министерот посочи дека одговорот за силен земјоделец е во задругарството и во таа насока треба да се движи македонското земјоделство.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, кој присуствуваше на денешниот настан, им даде поддршка на македонските земјоделци. Посочи дека по примерот на ЕУ и нивната иднина е во задругарството и им најави и финансиска поддршка од фондовите на ЕУ, која и досега им ја даваат.
Трипуновски им најави на македонските земјоделци дека во 2025 година МЗШВ во програмата за рурален развој има обезбедено средства за да се објави повик во делот на инвестиции за секоја регистрирана задруга. Најави дека тој повик ќе биде објавен во наредните месеци со цел да им помогнат на земјоделците здружени во земјоделските задруги. Доколку се појави поголем интерес за задруги, а средствата не стигнат, МЗШВ се спремни да обезбедат дополнителни средства со цел секој корисник кој ќе аплицира да добие средства од оваа мерка, односно да ја добие поддршката.
-Навистина е важно задругарството во Македонија да успее. Тоа е клучот на организирање и пласман на земјоделските производи,потенцира министерот.
На новинарско прашање до колку ќе изнесува финансиската поддршка, какви ќе бидат платите и околу набавката на нова механизација и осовременување за земјоделството, Трипуновски информира дека објавата на мерката не ја прави само МЗШВ, туку е во координација со Здружението за задруги кое постои и ги организира земјоделските задруги во Македонија.
-Секоја поддршка која ќе ја ставиме на располагање се надеваме дека ќе има вистински ефект и да не биде само потрошени средства каде крајната цел нема да оправда. Затоа и во самата објава и во делот на поддршката висината која ќе ја дадеме ќе биде во корелација со земјоделските задруги, потенцира Трипуновски.
Информира дека порано кофинансирањето беше 60 проценти за плата и 90 за набавка на механизација, но појасни дека во тој дел сега ќе има новини кои дополнително ќе ги објават. МЗШВ во 2025 година освен поддршка на младите земјоделци, кои можат да бидат и носители на земјоделска задруга, ќе даде и дополнителна поддршка за жените во земјоделството кои ќе бидат дополнително поддржани за механизација, за инвестиции и за земјоделско земјиште и друго.
-Сите ќе ги поддржиме со цел овојпат да им покажеме како вистински се води грижи за земјделските задруги, рече министерот Трипуновски.
Тој информира дека соработката со Македонската асоцијација на земјоделски задруги и брзата реакција на Министерството придонесе за позитивен исход кој резултираше со изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој за враќање на довербата на земјоделските задруги.
Менде Трајковски, претседател на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, потенцира дека ако земјоделците се обединат во земјоделски задруги подобро ќе стигнат до пласман на своите производи во земјава и странство наместо нивните производи да им ги откупуваат прекупци и кај нив да останува заработката наместо кај земјоделците.
Земјоделските задруги во земјава се обновени во 2005 година и бројката е променлива. Во моментов има околу 60-тина земјоделски задруги.