
Пред да преминам на краткиот историјат за состојбите во Судскиот совет, го читам деновиве, соопштението издадено на 13 февруари, годинава, од страна на Судскиот совет дека: „Секој обид за поткупување на независноста на судската власт е директна закана за независноста и демократијата на државата…“. Реакцијата на Судскиот совет, теоретски добро срочено, согласно Уставот и законите. Но, законски стои и дека СЕ ЗАБРАНУВА ПОЛИТИЧКО ОРГАНИЗИРАЊЕ И ДЕЈСТВУВАЊЕ НА СОВЕТОТ. Сум пишувал повеќе колумни и анализи за судството за нашата жална Македонија, и сум поставувал повеќе прашања: Дали Судскиот совет и правосудството ја ужива довербата на граѓаните? Одговорот е НЕ! Граѓанскиот притисок е голем и не се задоволни од нивното работење. Последниот Извештај го потврдува тоа, односно Извештајот на Транспарент Интернешенел за 2024 година, бележи пад од 12 места на нивото за борба против корупцијата. Според индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, Македонија е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Меѓу другото ова се должи воглавно заради критиките за измените на Кривичниот законик, Законот за јавни обвинители, скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители! И сега што? Останува да се извршат законски промени и одговорности во секој сегмент на третата власт во Македонија!
Што покажува практиката, мој краток историјат
Практиката за третата власт покажува дека се делува и работи спротивно на законот. Општа е перцепцијата дека судството во Република Македонија е корумпирано, криминално, зависно од политичките партии на власт, односно потпаѓа под влијание на извршната власт. Евидентни се селективни судења поради што нема правна сигурност, што не е европска судска пракса.
Селективно или партиско разрешување на судии
Судскиот совет на Република Македонија, кој го раководеше претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, од функцијата врховен судија ја разреши Лидија Неделкова. По исказот на претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, причините наводно биле: „ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејазината работна обврска, повреда на судскиот деловник, кодексот на судската етика“. „Браво“ за претседателот на Судскиот совет, за вака срочените искази.
На истиот овој претседател, Киро Здравев, од моја страна, му беше доставена претставка бр.03-2163/1 од 31.12.2019 година, и закажана и одржана заедничка средба во Судскиот совет на ден 12.02.2020 година. Поконкретно, на таа средба (со факти и докази) беше запознат за состојбите на Основниот суд Струга, кои повеќе од пет години се водат судски прекршочни постапки од страна на Државниот просветен инспекторат, против Меѓународниот универзитет во Струга (на Рамиз Мерко) и дека се запознати амбасадите во нашата земја, дека повеќето донесени прекршочни постапки се ослободителни. Пресудите се однапред јасни. Не може да се пресуди ништо против струшкиот универзитет, зашто некои судии од струшкиот основен суд, Апелациониот суд-Битола и Управниот суд -Скопје, се’, или биле вклучени, во активности на овој универзитет. Кон ова треба да се додаде и политичкиот момент поради блискоста на некои политички активности со овој универзитет. На овој универзитет се констатирани законски пропусти, согласно Законот за високо образование, со ненострифициррани дипломи на странски студенти, ненострифицирани дипломи и избор во наставно-научни звања, како што е примерот со градоначалникот на Струга-Рамиз Мерко, потоа нотарката Беса Кадриу во наставно научно звање доцент, понатаму ангажираноста на заменик министерот за внатрешни работи (па заменик министер за правда, десна рака на Маричиќ) Агим Нухиу. За какви судии станува збор, каде е нивната професионалност, совесност, независност, правичност и кодекс на судска етичност? Исто така, претседателот Киро Здравев, беше запознат и за постапките на Основниот суд во Тетово, каде од страна на Државниот просветен инспекторат се поднесени прекршочни пријави за јавни функционери, и тоа против поранешниот министер за образование и наука Арбер Адеми, поранешниот заменик министер за внатрешни работи, заменик министер за правда и заменик министер за образование Агим Нухиу, како и за поранешниот директор на индустриска сопственост Сафет Емрули сите од Универзитетот Тетово-Правен факултет. Судиите Јасмина Лазароска и Хуриете Цека, носат ослободителни пресуди. Донесените ослободителни пресуди на судиите се пристрасни, непочитување на еднаквиост и рамноправност и не се врз основа на владеење на правото… Иако претседателот на Судкиот совет, Киро Здравев ми вети на одржаната средба (12.02.2020) дека ќе постапи согласно надлежностите на Советот и ќе се преземаат соодветни дисциплински и други мерки… и дека благовремено ќе бидам известен… до ден денес не сум ни усно, ни писмено известен од Киро Здравев и од Судскиот совет. Што вика народот „Мижи да ти бајам“. Слушам, дека некој од тие судии биле унапредени, бидејќи биле блиски со политиката (СДСМ-ДУИ).
„Распупеното судство“ на Зоран Заев
Само да ве потсетам почитувани читатели, поранешниот премиер Зоран Заев изјави дека: „судството го отворил како пупка“. Еве мала анализа за распупеното судство и начинот на напредувањето на политички нарачки: судијата Гордана Спиреска, определи притвор по барање на СЈО за Сеад Кочан, а како награда е член на Судскиот совет. Судијата Лидија Трајковска Зимбовска е унапредена за судија во Апелациониот суд-Скопје. Судиите Сафет Кадрии и Цветанка Периќ се унапредени во Врховен суд.
Судиите во Врховниот суд кои одлучуваа за предметот Кочан беа: Јово Вангеловски, Ристо Катавенковски, Фаик Арслани, Џемаил Саити, Рахилка Стојковска и Киро Здравев. Здравев е унапреден во претседател на Судскиот совет, судијата Фаик Арслани во ВД претсдател на Врховен суд. Она што е интересно, што за сите овие судии од Врховен суд, Судскиот совет за сите им поведе постапка за разрешување, но на интересен начин постапката е запрена за унапредените, а разрешени се Вангеловски, Стојковска и Катавеновски, токму така, како што Зоран Заев нарачува и се фали. Ова е доказ дека судството е во рацете на политички послушници.
Почитувани читатели, по ваквите скандали во судството, Судскиот совет, од европската иницијатива за стабилност лицето Гералд Кнаус, ќе истакне дека: „поради криминалот и корупцијата на Власта, Македонија не треба да биде поканета на пристапните преговори со ЕУ“. Меѓу другото истакнува дека: „потребно е систем на независни јавни обвинители кои сериозно си ја работаат работата и кои собираат сериозни докази кои на крајот ќе доведат до судска пресуда…“. Потоа Кнаус, истакнува: „Владата треба сериозно да поработи на реформите ако сака датум за преговори…“, и додава: „Покажете дека имате независен судски систем и владеење на правото, кои е основен услов за стекнување на дел од пазарот“.
По ова, на поранешниот претседател на Судскиот систем Киро Здравев, отворено му укажав и укажувам дека не функционира правото и правниот систем во Македонија. И дека треба да си поднесе неотповиклива оставка. И за се’ беа информирани македонските амбасади во Македонија за нашиот македонски трул правен систем.
Што се случува последниве години во Судскиот совет
Последниве две-три години, сведоци сме на сериозни тектонски потреси во работата на Судскиот совет! Како што се намалуваше довербата на граѓаните во судството, така се појавуваа сите аномалии во работата на Судскиот совет и на виделина излегоа бројни скандали кои го доведоа во прашања интегритетот на оваа највисока институција задолжена за менаџирање со СУДСКИОТ СИСТЕМ во нашата држава.
Судството денес, кое го почувствував и во неколкуте процеси иницирани од мене разочарува! Благодарност изразувам посебно до граѓаните кои ми пишуваат и ми испраќаат пораки со целосна подршка за моите пишувања за правосудниот систем. Ги охрабрувам дека јас и понатака ќе продолжам да пишувам.
Скандали во судскиот совет
Ќе почнам од судирот помеѓу екс – претседателката на ова тело Павлина Црвенковска, со едно тогаш ново крило на СДСМ во советот, при што истата изрази сомнежи за влијанија во работата на судскиот совет. Црвенковска, тогаш наведе: „Веднаш по мојот избор на функцијата започна медиумска хајка со крајна цел да дадам оставка затоа што мојот избор за претседател не одговараше на група од судската – бизнис елита. До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството. Стана жално што наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“ (29.11.2022 година).
Црвенковска си замина, и според бројните настани поврзани со смената на Весна Дамева отиде во прегратката на членот на Судскиот совет од Струмица – Лорета Георгиева. Двете, почнаа да спроведуваат агенди со кои до крајна мерка се влошија меѓучовечките односи на релација скопско и муртинско крило во СДСМ!
Сменетата Црвенковска, продолжила да се групира со нејзе лојални членови во Советот и секогаш заедно со Лорета Георгиева која во тој период драстично го изгубила влијанието. Почнале да се дружат сами, само со поддршка на Миљазим Мустафа кој исто така е член на советот. Сепак, високата функција на Лорета значи и високо ниво на квалитет на дегустација на вино. Притоа, на сите настани и во сите комисии, неформални кафиња редовен зачин е претседателот на судот Лазар Нанев во Кавадарци. Според јавувања од таму, тие двајца биле во координација и во работни тела во Министерство за правда и Академија за судии и јавни обвинители. Лорета за поткрепа на нејзините активности силата ја имала од “шефот”.
После смената за претседател на Судскиот совет, доаѓа Весна Дамева, непријателка во очите на Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска. Сите бевме сведоци на нивните јавни судири. Јавноста ги гледаше грозните сцени од јавните седници на советот. Високи тонови, жалби. Уништување на интегритетот на Судскиот совет. Судирот се максимизира со минимизирањето на моќта на Лорета чии што кадровски решенија не поминуваат. Лорета брзо почнува да сфаќа и да се жали дека не може да влијае во работата на Советот и со Павлина почнува да и ја крои мрежата на Весна Дамева. Новинарите оваа ситуација добро ја објаснија. Судирот се продлабочи тогаш, а со тоа интегритетот на Советот драстично паѓа! Лорета и Павлина заедно дејствувале и си организирале брза смена на Весна Дамева. Тоа и се случи!
Лорета Георгиева станува „продуцент“ на превирањата во Судскиот совет – полициски инспектори ги проверувале камерите во советот, откако еден член пријавил дека некој му влегува во канцеларијата и му претура во работите. Претседателот Сашко Георгиев го потврди инцидентот, но рече дека допрва ќе треба да се утврдува за што точно се работи. Одби да го открие членот кој го пријавил инцидентот, но камерите се чешлаат. Според неофицијални информации на ТВ24 станува збор за судијката Лорета Георгиева, која што такви поплаки преку писмо испратила и до претходната шефица на судскиот совет Весна Дамева. Според истите информации, Георгиева тврдела дека е таргет бидејќи гласала за разрешување на Дамева. ТВ24 се обиде да добие став од судијката Георгиева, но таа била недостапна на својот мобилен телефон. Георгиев пак потврди дека претставката со која се апострофира токму член на судски совет дека прима мито, заедно со судија на врховен, а која во советот е карактеризирана како неоснована, е испратена до обвинителството. (22.05.2023 година)
Прашањето до јавноста е: Дали за овие тешки обвинувања и за лошите состојби во работата на Судскиот совет кој им е виновен?
Заради дворските игри на Лорета Георгиева, брзо паѓа од тронот на Советот, Весна Дамева! Преку заткулисни игри за нов претседател е избран Сашо Георгиев, од две зла помалото. Лорета од самиот старт нема убаво мислење за него, но само да не е Дамева претседател. Брзо и засметува и Сашо Георгиев кој насетувајќи нешто оди на боледување со цел да си поднесе оставка после боледувањето, но многу му се погодило и сега си игра како што сака, љубител на ТВ камери, филозоф кој не може да го разберат што сака да каже, логореичен без атрактивност.
Дали да се споменува постапката за разрешување на еден врховен судија од Струмица, кој чудно дозна кој му е судија известител во постапката и заради што отиде без срам да се расправа во Советот? Лорета ќе одговориш ли на ова прашање? Дали вистината еден ден ќе се открие во судска постапка?
Зарем мислите дека постои чувство на одговорност и етика и во постапката против претседателот на судот во Кавадарци, Лазар Нанев? Што ќе покаже вештачењето на мобилните телефони на овие двајца актери кога ќе се утврдува колку пати контактирале, зошто баш во тој период, колку ја злопотребиле функцијата итн? Еден министер зборуваше на оваа тема, телефонски разговори помеѓу судија итн…
Лорета Георгиева кај што може објаснувала дека зад се’ што e негативно зад неа стои тендемот Емил Глигоров и Цветанка Иванова и тие се сега нејзини „егзекутери“. Чудно!
Прашањето до јавноста е: Дали за овие тешки обвинувања и за лошите состојби во работата на Судскиот совет, кој им е виновен?
Секако дека за овие состојби не е виновен ниту еден министер за правда. Евидентно е дека откога згазна Лорета Георгиева во Судскиот совет, почнуваат сите игри и се урива угледот на ова тело. Дали причината е што за Лорета Георгиева за избор на член на Судски совет не гласале и судии од Основен суд Струмица, дали причината се Годишните извештаи за работата на Лорета Георгиева како судија во Струмица за кои постои информација дека да парафразирам од 150 предмети решени годишнo, дури 120 биле укинувани или поништувани од Апелациониот суд во Штип, дали се крие желбата да се биде нешто, а да се нема ништо за да се биде нешто!
Тешко на судството со кое во еден дел менаџираат вакви лица! Дали е нарушен кодексот на судската етика!
Неминовни се промени и одговорности да се почитува гласот на граѓаните, експертите домашни и странски.
Македонија тоа го заслужува!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес