Нема консензус меѓу европските држави за распоредување војници во Украина

Вонредниот состанок за Украина во Париз со учество на претставници на голем број европски држави покажа дека нема консензус меѓу сојузниците за понатамошни активности за поддршка на Украина, вклучително и испраќање мировници таму, објави „Фајненшл тајмс“.

„Европските земји се судрија околу испраќањето војници во Украина кога започнаа кризен состанок со цел да се постигне консензус за тоа како да одговорат на мировните преговори на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија“, пишува весникот. Според него, Германија, Италија, Полска и Шпанија рекоа дека не сакаат да испратат мировници во Украина, неколку часа откако Велика Британија предложи можно распоредување на европските сили таму.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, говорејќи по состанокот во Париз, ја нарекол дискусијата за распоредувањето на војниците „многу несоодветна“ со оглед на тековниот конфликт.

Таквата „дискусија е сосема прерана и сега не е вистинско време за тоа“, рече тој. Политичарот посочи дека оваа дебата доаѓа „во погрешно време и на погрешна тема“.

Претходно, во напис за „Дејли Телеграф“, британскиот премиер Кир Стармер рече дека е подготвен да испрати војници во Украина како безбедносна гаранција за властите во Киев за да го решат конфликтот. Сепак, можното распоредување на европски војници во Украина го услови со гаранции од САД. Според него, за тоа е потребна поддршка од Вашингтон. Тој има намера да разговара за клучните елементи на долгорочниот мир со американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на Вашингтон следната недела.