
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски како „неизбран диктатор“ и му порача дека и покрај тоа што не сторил ништо да ја спречи војната и да договори мир, дека му подобро побрзо да работи на мир или ќе остане без земја.
Забелешките на Трамп дојдоа неколку часа откако Зеленски одговори на неговото тврдење дека Украина е одговорна за руската инвазија, велејќи дека американскиот претседател живее во руски „простор за дезинформација“.
„Неизбраниот диктатор Зеленски подобро е да дејствува брзо и мирно или ќе остане без земја“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social кој претходно изнесе мислење дека Русија можела да ги унушти целосно украинските градови, вклучително и Киев, но се воздржала од тоа.
„Да размислиме; умерено успешниот комичар Володимир Зеленски ги убеди САД да инвестираат 350 милијарди долари во војна што не може да се добие и која никогаш не требаше да почне, војна што тој никогаш не може да ја запре без САД и ТРАМП“, напиша американскиот претседател.
Реакцијата на Трамп е реплика на синоќашната изјава на украинскиот претседател кој рече дека „Трамп живее во дезинформациски меур“ со тоа што смета дека може да издејствува мир во Украина преку директни преговори со Москва, заобиколувајќи ги Украина и Европа.
„Зеленски треба да реагира брзо или ќе остане без својата земја“, предупреди во својата објава Трамп.
Во подолгата објава во која го нарече Зеленски „диктатор“ Трамп додава:„Ја сакам Украина, но она што Зеленски го сработи е ужасно, неговата земја е скршена, и милиони загинаа непотребно“. Додаде дека САД работат на „успешни преговори за завршување на војната со Русија“.
Трамп ја насочи својата критика и кон Европа, истакнувајќи дека војната во Украина „е многу поважна за Европа отколку нам“. „Имаме голем убав океан кој нѐ разделува“, посочи американскио претседател и додаде дека Европа не успеала да донесе мир во регионот.
Откако Русија ја започна инвазијата во Украина во февруари 2022 година, Киев ги одложува своите избори кои требаше да се одржат во април 2024 година. Според изменетиот украински закон, одржувањето на претседателски избори е забрането за време на вонредна состојба, која беше воведена на 24 февруари 2022 година. Во мирнодопски услови, мандатот на Зеленски ќе завршеше во мај минатата година.
Критичарите укажуваат на контроверзната клаузула во украинскиот устав, тврдејќи дека ниту еден претседател не може да ја извршува функцијата повеќе од пет години, но мора да остане на функцијата додека не биде избран неговиот наследник. Зеленски претходно рече дека е невозможно да се одржат избори во овој момент, имајќи предвид дека милиони Украинци живеат во странство или се борат како припадници на војската, а безбедносните ризици се превисоки
Зеленски и во средата го обвини Трамп дека живее во руски „простор за дезинформации“. Трамп, пак, го обвини Зеленски дека ја злоупотребил американската помош за украинските воени напори и дека ја искористил администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден.
Размената на остри зборови меѓу Трамп и Зеленски дојде откако високи претставници од администрацијата на Трамп и Русија се сретнаа во вторникот во Ријад и, покрај другите договори, се согласија да се формираат тимови за преговори и за прекинување на руско-украинскиот конфликт. Сепак, украинските и европските претставници не беа вклучени во овие разговори и покрај инсистирањето на Зеленски на тоа, иако Вашигнтон и Москва всушност во саудиската престолнина ги обновија контактите на највисоко ниво и договорија тимови кои ќе работат на одржување самит на претедателите на двете сили.
Трамп, кој во кампањата вети дека војната ќе заврши брзо, го повтори својот став дека Зеленски требаше уште претходно да преговара за мир и му рече дека „подобро да дејствува брзо, или нема да му остане ништо од земјата“.
„Во меѓувреме, ние сме успешни во преговорите за завршување на војната со Русија, нешто што сите го признаваат дека можат да го направат само ТРАМП и администрацијата на Трамп. Бајден никогаш не се обиде. Европа не успеа да донесе мир, а Зеленски веројатно сака да го продолжи овој „брз воз до лесни пари“, напиша американскиот претседател.
Брзо по објавата на Трамп реагираше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха кој на Х напиша дека никој не може да ја натера неговата земја да се откаже од своите права.
„Ќе го браниме нашето право да постоиме“, напиша Сибиха на X. „Украина го издржа најужасниот воен напад во модерната историја на Европа и три години тотална војна. Украинскиот народ и неговиот претседател Зеленски одби да попушти пред притисокот на Путин“, додаде Сибиха.
Зеленски, кој во средата во Киев се сретна со претставникот на Трамп за Украина, Кит Келог, рече дека би сакал да види „повеќе вистина“ за Украина од тимот на Трамп, еден ден откако Трамп рече дека Украина „никогаш не требало да го започне“ конфликтот со Русија.
Зеленски рече дека тврдењето на Трамп дека само четири проценти од граѓаните го поддржуваат е руска дезинформација и дека секој обид за негово отстранување ќе пропадне.
„Имаме докази дека Америка и Русија разговараат за овие податоци. Значи, претседателот Трамп… за жал живее во овој простор на дезинформации“, изјави Зеленски за украинската телевизија.
Според новото истражување на јавното мислење од социолошкиот институт во Киев, финансиран од западните фондаии, чии резултати беа објавени во средата, украинскиот претседател го поддржуваат 57 отсто од граѓаните.
На помалку од еден месец од неговиот мандат, Трамп ја смени американската политика кон Украина и Русија, ставајќи крај на неуспешните напорите на САД меѓународно да ја изолираат Русија поради нејзината инвазија на Украина со телефонски повик со Путин и директни разговори меѓу високи американски и руски претставници.
Трамп рече дека можеби ќе се сретне со Путин овој месец. Кремљ соопшти дека подготовките за таков состанок би можеле да потраат подолго, но рускиот државен фонд објави дека очекува голем број американски компании да се вратат во Русија веќе во вториот квартал од оваа година.