
Хамас во средата посочи дека е подготвен да ги ослободи сите преостанати заложници во Газа во една размена како дел од следната фаза од договорот за прекин на огнот.
Израел и Хамас во моментов се во процес на имплементација на првата фаза од кревкиот прекин на огнот во Газа, кој се одржува откако стапи на сила на 19 јануари и покрај меѓусебните обвинувања за негово прекршување.
Израелскиот министер за надворешни работи во вторникот рече дека преговорите за втората фаза, која се очекува да го отвори патот за потрајно завршување на војната, ќе започнат „оваа седмица“.
„Ги информиравме посредниците дека Хамас е подготвен да ги ослободи сите заложници одеднаш во текот на втората фаза од договорот, наместо (тоа) постепено, како што е случајот во сегашната, прва фаза“, изјави за AFP високиот функционер на Хамас, Тахер ал-Нуну.
Тој не појасни колку заложници држат Хамас или други милитантни групи.
Нуну рече дека целта на постапката е „да ја потврдиме нашата сериозност и целосна подготвеност да продолжиме напред во решавањето на ова прашање, како и да продолжиме со чекорите кон консолидирање на прекинот на огнот и постигнување одржлив прекин на огнот“.
Според првата фаза од договорот, милитантите досега ослободија 19 израелски заложници во замена за повеќе од 1.100 палестински затвореници ослободени од израелските затвори во серија размени со посредство на Црвениот крст.
Понудата од средата дојде откако Израел и Хамас објавија дека последните шест заложници ќе бидат ослободени овој викенд како дел од првата фаза од договорот.
По завршувањето на првата фаза, во Газа и натаму ќе има 58 заложници.
Хамас, исто така, се согласи во вторникот да ги врати телата на осумте мртви заложници во две серии оваа и следната седмица, вклучувајќи ги останките на Шири Бибас и нејзините два сина, десетмеселниот Кфир и четиригодишниот Ариел, кои станаа национални симболи на израелските заложници.
Таткото на момчето, Јарден Бибас, бил одвоено киднапиран на 7 октомври 2023 година и беше ослободен за време на претходна размена на затвореници.
Иако Хамас објави дека Шири Бибас и нејзините синови биле убиени во израелски воздушен напад на почетокот на војната, Израел никогаш не го потврдил тоа, а многумина сè уште не веруваат дека тие се навистина мртви, вклучително и членовите на семејството Бибас.
„Барам никој веќе да не зборува за моето семејство (како да е веќе мртво). Ја одржуваме надеждта 16 месеци и нема да се откажеме сега“, напиша тетката на момчето, Офри Бибас, на Facebook доцна во вторникот, по објавата на Хамас.
Израелските власти потврдија дека останките на четворицата заложници ќе бидат вратени во четврток, иако не ги наведоа имињата.
Националниот институт за судска медицина во Тел Авив ангажирал 10 лекари за да го забрзаат процесот на идентификација, објави во средата јавниот радиодифузен сервис Kan.
Хамас и неговите сојузници киднапираа 251 лице за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, а 70 од нив остануваат во Газа, вклучително и 34 за кои израелската војска тврди дека се мртви. Нападот во октомври доведе до смрт на 1.211 луѓе, главно цивили, според израелските податоци.
Во израелската кампања што следеше, најмалку 48.297 луѓе се убиени во Газа, од кои повеќе од поливината се деца и жени а другите во мнозинството мажи цивили, според бројките на Министерството за здравство на територијата на Хамас, кои Обединетите нации ги сметаат за сигурни.