
Турција ќе извезе околу 15.000 тони јајца во Соединетите држави до јули за да ги покрие празнините во снабдувањето отворени од епидемијата на птичји грип, поттикнувајќи двоцифрено зголемување на цените.
Ибрахим Афјон, претседател на турското здружение на производители на јајца YUM-BIR, ја потврди информацијата за Reuters во средата, велејќи дека испораките веќе започнале во февруари и ќе продолжат до јули.
„(Јајцата) ќе се извезуваат преку нашите компании членки кои ги имаат потребните дозволи, со координација меѓу двете компании“, вели Афјон.
Додава дека вкупно 15.000 тони јајца, што е еквивалентно на 700 контејнери, ќе бидат испорачани во САД.
САД се обидуваат да го сопрат ширењето на птичјиот грип, кој започна во 2022 година, убивајќи околу 160 милиони кокошки, мисирки и други птици, а пред една година првпат беше откриен случај на инфекција кај млечни говеда во сојузната држава Тексас.
Болеста предизвика недостиг од јајца во САД, што предизвика остро зголемување на цените. Цените на јајцата во јануари пораснале за 15,2 отсто во однос на декември, што е најмногу од јуни 2015 година. Споредено со почетокот на минатата година, поскапеле за дури 53 отсто, покажуваат податоците од извештајот за инфлација на Министерството за труд.
„Американските компании бараа решение во увозот, што доведе до преговори со турските производители“, рече Афјон.
Според него, турските компании очекуваат приход од околу 26 милиони долари од оваа зделка.
САД го делат второто место со Индија во рангирањето за производство на јајца во светот, со седум отсто удел во производството, покажуваат податоците на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Кина произведува убедливо најмногу јајца, со удел од 38 проценти.