
Премиерот Христијан Мицкоски е потврден говорник на Конференција на конзервативна политичка акција во Вашингтон.
Настанот кој почна на 19 февруари а завршува на 22-ри е годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери републиканци од САД.
Официјално говорот на Мицкоски е најавен на Фејсбук страницата CPAK со видео приказ.
И од Владата потврдија дека премиерот Мицкоски ќе присуствува на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) 2025 година во Вашингтон од 19 до 22 февруари.
– Тој е поканет во својство на премиер. Очекуваме да оствари дополнителни билатерални средби во рамки на неговото присуство во Вашингтон, па очекувам јавноста да биде информирана во наредните денови преку вас, медиумите – изјави портпаролката Марија Митева.
Ќе потсетиме дека Мицкоски беше во САД минатиот месец на инаугурацијата на претседателот Трамп.
Меѓу говорниците ќе бидат Ричард Гренел, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии и словачкиот премиер Роберт Фицо.
Цените на билетите за оваа годишна конференција на конзервативците во САД варираат, односно обичен билет чини 95 долари, додека најскапиот, таканаречен платинест, чини 15.000 долари.