
Соединетите Американски Држави се противат на употребата на терминот „агресор“ во врска со Русија во новата официјална изјава на групата најразвиени земји Г7, по повод третата годишнина од војната во Украина, објави „Фајненшл тајмс“.
„САД се противат Русија да се нарекува агресор во изјавата на Г7, заканувајќи се дека ќе ја попречат традиционалното покажување на единство“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Непосредно пред ова, во четвртокот, се дозна дека Соединетите Држави, за првпат од почетокот на специјалната операција, не се коавтор на антируската нацрт-резолуција на Генералното собрание на ОН за Украина.
Документот содржи барање за „итно, целосно и безусловно повлекување на сите нејзини вооружени сили од територијата на постсоветската република“. Меѓутоа, во текстот не се спомнува правото на народите на самоопределување, како што е предвидено во Повелбата на ОН.
Од февруари 2022 година, Генералното собрание на ОН периодично одржува состаноци на 11-тата итна специјална седница посветена на ситуацијата во Украина. Во нејзините рамки, веќе се усвоени шест резолуции, кои ја поддржуваат позицијата на Киев.
Во секој од овие документи, усвоени во времето на Џо Бајден, САД беа меѓу коавторите заедно со Британија, Франција, Германија, Канада и другите земји од западниот табор.
Учеството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на виртуелниот самит на Г7 во понеделник, исто така, сè уште не е договорено.
Несогласувањето на САД доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Украина за војната, го опиша Зеленски како „диктатор без избори“ и предложи Русија да биде повторно поканета во Г7.
Како што им изјавиле изворите „Фајненшл тајмс“ претставниците на САД се спротивставиле на фразата „руска агресија“ и на другите слични описи што ги користат лидерите на Г7 од 2022 година за да го опишат конфликтот во Украина.
– Ние сме категорични дека мора да се прави разлика меѓу Русија и Украина. Тие не се исти. Американците го блокираат тој јазик, но ние сè уште работиме на тоа и се надеваме на договор – изјавил за „Фајненшл тајмс“ официјален претставник информиран за ова прашање.
Руската агресија беше спомната пет пати во изјавата на лидерите на Г7 минатата година.
„Ја повикуваме Русија веднаш да ја прекине својата агресивна војна и целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили од меѓународно признатата територија на Украина“, се вели во соопштението од 2024 година.
Инсистирањето на администрацијата на Трамп за омекнување на јазикот кон Русија одразува поширока промена во политиката на САД за да се опише војната како „конфликт во Украина“.
Неодамнешните изјави од Стејт департментот на САД користат слична формулација, вклучително и соопштението по средбата на државниот секретар Марко Рубио со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Ријад, каде два пати се споменува „конфликтот во Украина“.