
Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини во средата властите во Киев дека го уништиле договорот, кој на Соединетите држави ќе им гарантира пристап до метали од ретки земји во замена за огромната американска финансиска и воена помош.
На почетокот од февруари, Трамп кој не се обврза за продолжување на воената помош за Украина, изјави за новинарите во Белата куќа дека сака 500 милијарди долари во ретки земни минерали од Украина и дека огромната поддршка од САД треба да се „осигури“ како начин на исплаќање. Трамп тогаш рече дека Украина е подготвена за тоа, додавајќи дека сака „изедначување“ од Украина за помошта на Вашингтон од „речиси 300 милијарди долари“.
„Ние ѝ кажуваме на Украина дека имаат многу вредни ретки земји. Сакаме да склучиме договор со Украина каде што тие ќе го обезбедат она што ќе им го дадеме за нивните ретки земни метали и други ресурси“, рече на 3-ти февруари додавајќи дека Вашингтон очекува Киев да обезбеди гаранции за испораки на ретки земји и минерали во замена за финансиска и воена помош.
На 14-ти февруари, весникот The Washington Post, повикувајќи се на членови на Конгресот, објави дека американските претставници на состанокот со украинскиот претседател Володомир Зеленски на Безедносната конференција во Минхен му понудиле да потпише документ со кој на Соединетите држави ќе им се префрлат правата на 50 отсто од минералните ресурси на Украина кои допрва треба да се вадат. Веќе следниот ден самиот Зеленски објави дека одбил го одбил американскиот потпретседател ЏејДи Венс да го потпише овој договор.
„Имавме договор за ретки земји, а тие го уништија пред два дена“, рече Трамп за време на говорот на инвестицискиот самит во Мајами, што директно го пренесуваше Белата куќа.
Републиканецот рече и дека „не многу успешниот комичар Зеленски ги убеди САД да потрошат 350 милијарди долари за војна што не може да се добие“, алудирајќи на администрацијата на неговиот претходник демократот Џо Бајден. Американскиот претседател нагласи дека Европа добива компензација за нејзините испораки на оружје, воена опрема и пари на Киев, додека Соединетите држави „едноставно ѝ дадоа пари на Украина“.
Зеленски изјави во саботата дека билатералниот договор за клучни минерали за што било разговарано со САД, сѐ уште не е подготвен и дека не содржи одредби со коишто Киев сака да ги заштити своите интереси.
Договорот за кој Зеленски почна отворено да зборува по доаѓањето на власт во Вашингтон на Доналд Трамп, се смета за клучен за настојувањето на Киев да ја придобие поддршката на републиканецот додека американскиот претседател бара брзо завршување на војната во Украина. Притоа Киев бара безбедносни гаранции за да се заштити од нова инвазија доколку биде постигна мир.
Зеленски ги изнесе контурите на евентуалниот таков договор во интервју за Reuters пред две седмици, распостилајќи мапа којашто прикажува бројни наоѓалишта на минерали и ретки земји и велејќи дека нуди „заемно полезно партнерство за нивен заеднички развој а не нивно подарување“.
Минералите за кои станува збор би вклучувале ретки земји и метали како титан, ураниум и литиум. Меѓутоа, експертите порачуваат дека таквите најголемите украински наоѓалишта се во регионот Донбас кој од 2014 година го контролираат проруските бунтовници, како и близу линијата на фронтот.
На пример, кон средината на јануари наоѓалиштето на литиум во областа на селото Шевченковско на границата на одметнатата доминантно руска област Доњецк, со кое Киев се обиде да тргува со западот уште многу пред руската инвазија, беше заземено од руската војска. Резервите на литиум во Шевченковско, едно од најголемите во Европа, е откриено во 1982 година. Резервите на литиум се проценети на 13,8 милиони тони. Покај тоа, се смета дека таму има и резерви од други вредни ретки ресурси како ниобиум, берилиум, тантал….
Ретките земји се група од 17 метали кои се користат, меѓу другото, за правење магнети кои ја претвораат енергијата во движење за електрични возила, мобилни телефони и друга електроника. Во моментов нема познати замени за нив.
Геолошкиот институт на САД смета дека 50 минерали се критични за економијата и националната безбедност на земјата, вклучувајќи неколку видови ретки земји, никел и литиум.
Украина има големи наоѓалишта на ураниум, литиум и титаниум, иако ниту едно од нив не е меѓу петте најголеми во светот по количество а некои од нив прејдоа и под контрола на руската војска, а САД имаат свои неискористени резерви на овие и други клучни минерали.
САД имаат само еден оперативен рудник за ретки земја и многу ограничен капацитет за обработка, иако неколку компании работат на развој на проекти во земјата. Кина е најголемиот светски производител на ретки земји и многу други клучни минерали.