САД ја скратува заштитата од депортација за 521.000 Хаиќани

Американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем во четвртокот го скрати времетраењето на работните дозволи и заштитата од депортација на 521.000 Хаиќани опфатени со програмата за привремен заштитен статус (TPS), така што тие истекуваат во август, рече портпаролката на министерството.

Одлуката го поништува минатогодишниот потег на администрацијата на претседателот Џо Бајден за продолжување на заштитата до февруари 2026 година, рече портпаролката, додавајќи дека продолжувањето е неоправдано.

Ноем претходно овој месец го укина продолжувањето на TPS од времето на Бајден за околу 600.000 Венецуелци и го прекина статусот на половина од нив, чија заштита и работни дозволи истекуваат во април.

„Претседателот Трамп и јас го враќаме TPS во првобитниот статус – привремен“, рече министерката.

Повеќе од милион луѓе, повеќе од половина од нив деца, се раселени во Хаити каде што продолжува насилството од бандите и покрај безбедносната мисија поддржана од Обединетите нации, покажаа податоците на ОН објавени во јануари. Хаити нема демократски избрана влада од 2023 година, а избори не се одржани од 2016 година. Главниот град на земјата Порт-о-Пренс е речиси целосно контролиран од вооружени банди, а чилниците велат дека прво мора да се воспостави безбедност за да се одржи слободно и фер гласање.