
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави доцна ноќта кон саботата по средноевропско време дека очекува украинскиот челник Володимир Зеленски наскоро да потпише договор за минерали со Соединетите држави како дел од напорите за ставање крај на војната во Украина.
„Потпишуваме договор, се надевам многу наскоро“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на прашањето за украинските минерали.
Зеленски конкретно рече дека украинските и американските тимови работат на нацрт-договор.
„Се надевам на… фер исход“, рече тој во својата доцна ноќна видео порака во петокот, откако двајцата водачи си разменија навреди оваа седмица.
Трамп го нарече Зеленски „неизбран диктатор“, а Зеленски одговори дека живее во „балон од дезинформации и ги повторува аргументите на Москва“.
Острото менување на тонот од страна на Соединетите држави, најважниот сојузник на Украина, ги вознемири европските претставници и доведе до загриженост дека Киев би можел да биде принуден на мировен договор што ќе биде од полза на рускиот претседател Владимир Путин. Зеленски подоцна ги ублажи своите изјави и рече дека се надева на „американскиот прагматизам“, откако во четврокот советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц остро го предупреди Киев „да го снизи тонот“.
Трамп рече дека верува оти Путин и Зеленски „ќе мора да се сретнат, бидејќи знаете што? Сакаме да го запреме убивањето на милиони луѓе“. „Затоа сакам да видам прекин на огнот и сакам тој договор да се оствари. Мислам дека имаме шанси да постигнеме договор. Морав да бидам сигурен дека Русија сака да го направи тоа“, рече американскиот претседател.
Зеленски во средата ги отфрли американските барања за минерално богатство во вредност од 500 милијарди долари од Украина за да се компензира Вашингтон за помошта за време на војната, велејќи дека САД не обезбедиле ни приближно толку и дека договорот не нуди безбедносни гаранции.
Предметните минерали ќе вклучуваат метали од ретки земји, како и титаниум, ураниум и литиум, меѓу другите, и се користат во батериите, технологијата и воздушната индустрија.
„Еве ја суштината, претседателот Зеленски ќе го потпише овој договор и ќе го видите тоа многу наскоро“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Вашингтон.
Говорејќи на настан во Белата куќа претходно во петокот, Трамп го критикуваше Зеленски, но не и рускиот претседател Владимир Путин.
„Имав многу добри разговори со Путин, а немав толку добри разговори со Украина. Тие (Украина) ги немаат картите во свои раце, но играат на нив“, рече Трамп.
Договорот за кој Зеленски почна отворено да зборува по доаѓањето на власт во Вашингтон на Доналд Трамп, се смета за клучен за настојувањето на Киев да ја придобие поддршката на републиканецот додека американскиот претседател бара брзо завршување на војната во Украина. Притоа Киев бара безбедносни гаранции за да се заштити од нова инвазија доколку биде постигна мир.
Зеленски ги изнесе контурите на евентуалниот таков договор во интервју за Reuters пред две седмици, распостилајќи мапа којашто прикажува бројни наоѓалишта на минерали и ретки земји и велејќи дека нуди „заемно полезно партнерство за нивен заеднички развој а не нивно подарување“.
Минералите за кои станува збор би вклучувале ретки земји и метали како титан, ураниум и литиум. Меѓутоа, експертите порачуваат дека таквите најголемите украински наоѓалишта се во регионот Донбас кој од 2014 година го контролираат проруските бунтовници, како и близу линијата на фронтот.
На пример, кон средината на јануари наоѓалиштето на литиум во областа на селото Шевченковско на границата на одметнатата доминантно руска област Доњецк, со кое Киев се обиде да тргува со западот уште многу пред руската инвазија, беше заземено од руската војска. Резервите на литиум во Шевченковско, едно од најголемите во Европа, е откриено во 1982 година. Резервите на литиум се проценети на 13,8 милиони тони. Покрај тоа, се смета дека таму има и резерви од други вредни ретки ресурси како ниобиум, берилиум, тантал….
Ретките земји се група од 17 метали кои се користат, меѓу другото, за правење магнети кои ја претвораат енергијата во движење за електрични возила, мобилни телефони и друга електроника. Во моментов нема познати замени за нив.
Геолошкиот институт на САД смета дека 50 минерали се критични за економијата и националната безбедност на земјата, вклучувајќи неколку видови ретки земји, никел и литиум.
Украина има големи наоѓалишта на ураниум, литиум и титаниум, иако ниту едно од нив не е меѓу петте најголеми во светот по количество а некои од нив прејдоа и под контрола на руската војска, а САД имаат свои неискористени резерви на овие и други клучни минерали.
САД имаат само еден оперативен рудник за ретки земја и многу ограничен капацитет за обработка, иако неколку компании работат на развој на проекти во земјата. Кина е најголемиот светски производител на ретки земји и многу други клучни минерали.