На Волстрит индексот S&P падна трет ден по ред

На Волстрит, S&P 500 падна трет ден по ред во понеделникот, како и индексот Nasdaq, бидејќи инвеститорите и натаму се претпазливи пред извештајот за заработката на „Nvidia“, што вршеше притисок врз технолошкиот сектор.

Индексот Dow Jones порасна за 0,08 отсто на 44.461 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,50 отсто на 5.983 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,21 отсто на 19.286 поени.

Најмногу вчера паднаа цените во технолошкиот сектор, за 1,4 отсто, а акциите на „Nvidia“ паднаа за повеќе од 3 отсто.

Инвеститорите внимателно ги очекуваат кварталните резултати на најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, бидејќи тие ќе покажат колку е силна побарувачката за чипови со вештачка интелигенција.

До неодамна, инвеститорите гледаа позитивно на огромните инвестиции на компаниите во вештачката интелигенција, но во јануари беа загрижени за успехот на евтиниот модел на вештачка интелигенција од кинескиот стартап „DeepSeek“.

Успехот на „DeepSeek“ фрли сомнеж врз преовладувачката теза дека САД водат во развојот на вештачката интелигенција, а исто така го покрена прашањето за одржливоста на високите цени на акциите на американските технолошки компании, кои го предводеа пазарот во раст во последните години.

„Доминацијата на тргувањето со акции поради развојот на вештачката интелигенција се чини дека е при крај. Ова се одлични акции, но влегуваме во фаза на разгледување на сите околности“, вели Питер Буцвар, директор во компанијата „Bleakley Financial Group“.

Падот на индексот S&P 500 трет ден по ред е и резултат на стравувањата на инвеститорите од трговска војна, имајќи предвид дека Вашингтон се заканува со царини за речиси сите големи земји во светот.

Покрај тоа, инвеститорите се загрижени за високата инфлација во САД, поради што американската централна банка веројатно нема да продолжи со намалување на каматните стапки толку брзо како што се надеваа инвеститорите.

Внимателно вчера беше и тргувањето на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс остана речиси непроменет, на 8.658 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,62 отсто, на 22.425 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,78 отсто, на 8.090 поени.