
Говорејќи на собирот за поддршка на првостепената пресуда, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во средата најави дека ќе преземе решителни политички чекори за укинување на пресудата и забрана за работа на државните судски и безбедносни институции на територијата на тој ентитет.
На митингот во центарот на Бања Лука, Додик рече дека властите на тој ентитет ќе ја искористат неправосилната пресуда со која Судот на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска како изговор за натамошни потези.
„Јас знам што ќе направам. Ми треба поддршката од народот. Ќе одам до крај“, рече Додик. Толпата го прекина со извици „Миле, Миле“. Тој изјави дека веќе бил повикан и поддржан од челниците на Србија, Александар Вучиќ, и на Унгарија, Виктор Орбан.
„Многу се излажаа. Од денеска веќе ја нема БиХ каква што си ја замислуваа. Ние им нудиме уставна БиХ, но нема да ги чекаме долго“, додаде српскиот лидер во БиХ.
Најави усвојување закони на претстојната седница на Народната скупштина (парламентот) на Република Српска со кои ќе се спречи работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Високиот судски и обвинителски совет (HJCP) на БиХ, Државната агенција за истрага и заштита (SIPA) и Агенцијата за разузнавање и безбедност (OSA) на територијата на Република Српска.
„Денеска носиме закон со кој се забранува работата на Обвинителството и Судот на БиХ на територијата на Република Српска, ќе формираме сопствен ВССК и ќе ги отфрлиме одлуките наметнати од државните институции“, рече Додик и додаде дека „Република Српска се враќа на Уставот на БиХ“.
Неговите најави предизвикаа реакции од Сараево. Судот на БиХ реагираше на обвинувањата за политичка пресуда, нагласувајќи дека работи независно и без политичко влијание.
„Крајната цел на Судот на БиХ беше да дејствува во согласност со законот и да ги почитува принципите на правдата и независноста на судскиот систем“, се вели во соопштението на Судот на БиХ.
Претседателот на ВССК на БиХ, Санин Богуниќ рече дека судските институции мора да останат независни.
„Имам порака до Милорад Додик и сите други политичари: оставете го судството на мира, судиите и обвинителите нека работат врз основа на факти и докази“, рече Богуниќ.
Заменик министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез оцени дека Додик станува се поизолиран. „Тој повеќе нема сила или моќ, дури ни во сопствената партија. Неговата политичка приказна е завршена“, рече Хелез.
На претседателот на Република Српска му се судеше од февруари 2024 година затоа што не постапил по одлуката на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, одговорен за почитување на мировниот договор. Милорад Додик и Милош Лукиќ, директор на Службениот весник на РС, беа обвинети пред Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ. Се очекува утрешната пресуда да има далекусежни политички последици.
Обвинителството побара казна „поблиску до максимум“, поточно пет години затвор за ова кривично дело, заедно со десетгодишна забрана за вршење јавна функција. Обвинетиот има право на жалба.
Милорад Додик го отфрли „политички мотивираното судење“ и тврди дека тоа е „продолжение“ на политиките на Вашингтон и Брисел чија цел е тој да биде елиминиран од политичкиот живот и да биде укинат српскиот ентитет Република Српска.
Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русија и Кина како постојани членки на Советот.