Русија и Иран ги усогласија позициите за иранската нуклеарна програма

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и највисоките ирански челници во вторникот ги координираа своите позиции за прашањата поврзани со иранската нуклеарна програма во Техеран, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Лавров разговараше за широк спектар билатерални и регионални прашања со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Сејед Абас Арагчи, се вели во соопштението на Министерството.

„Усогласени се ставовите за ситуацијата во врска со Заедничкиот сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма (JCPOA)“, беше објавено.

Русија е потписник на JCPOA од 2015 година заедно со САД, Кина, Франција, Велика Британија и Германија. Договорот ги укина санкциите кон Иран во замена за ограничувања на неговите нуклеарни активности.

Но САД под водство на Трамп во 2018 година еднострано се повлекоа од договорот барајќи тој да ја опфати и иранската ракетна програма и ги вратија децениските санкции. Откако европските потписнички на договорот не успеаја поради санкциите да ги исполнат своите обврски во економијата, Иран започна со постепеното суспендирање на своите обврски, во прв ред на оние за ограничување на степенот на збогатување на ураниумот и неговото количество.

Лавров претходно во Техеран изјави дека Москва е сигурна дека дипломатските мерки сѐ уште се на маса за решавање на проблемот со иранската нуклеарна програма.

Русија и Иран се зближија во последните години, а Иран ја поддржува Русија во нејзината воена кампања во Украина. Двете страни потпишаа договор за стратешко партнерство во јануари.

Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), набљудувач на ОН за нуклеарна енергија, минатата седмица изјави дека Иран продолжил да збогатува ураниум и покрај притисокот на ОН да престане да го прави тоа.

Гроси за Reuters изјави дека, иако темпото на збогатување ураниум е малку побавно од крајот на минатата година, Иран сè уште збогатува околу седум килограми ураниум месечно до 60 проценти чистота. Гроси рече дека сака да го посети Техеран следниот месец, првпат оваа година.

Иран продолжува да негира дека развива нуклеарно оружје, тврдејќи дека неговата нуклеарна програма е насочена кон добивање енергија и за научни цели.