
-Сите кои мислат дека картелски ќе се здружуваат, има закон и ќе бидат одговорни пред него, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од Неготино, кој одговараше на новинарско прашање во врска со тоа дека Комисијата за заштита од конкуренција откри картелско здружување на неколку супер маркети, односно договарање на цените на прехранбените производи, за што е поведена и прекршочна постапка.
Мицкоски истакна дека на дневна основа е во координација со Државниот пазарен инспекторат, министерот за економија и труд и Комисијата за заштита на конкуренција и како што рече, како никогаш досега покриен е теренот со инспекции и јасна анализа и следење на состојбите во ланците, супер маркети, мини маркети итн.
-Секој оној кој мисли дека со трикови ќе се служи, има закон и ќе сноси одговорност соодветно на законот. Сите оние кои мислат дека на грбот на народот ќе се богатот, тоа ние како Влада, нема да го дозволиме, рече тој.
На новинарско прашање дека некои од големите синџири на супер маркети тактизираат во однос на пониски цени, дали како одговор на ова Владата мисли да го продолжи рокот на траење на оваа мерка, премиерот рече дека тој што тактизира ќе плати казна, согласно законот.
-Не можат да тактизираат, си има законски рок, кој е со уредба донесен и не може да се тактизира. Тој ќе плати казна согласно законот. Нема тактизирање, изјави Мицкоски.