
Двајца 14-годишни малолетници од Скопје ќе бидат пријавени за праќање лажни закани за бомби во училишта, откако Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Според информациите од МВР, малолетниците на 19 февруари 2025 година испратиле заканувачки е-пошта за наводно поставени бомби во две училишта во Скопје – едно основно и едно средно. Два дена подоцна, на 21 февруари, од друг мобилен телефон повторно била испратена лажна закана за бомби во уште две училишта.
Полицијата веднаш реагирала, а Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни направи извршила антитерористичка проверка во сите училишта кои примиле закани. По деталната анализа било утврдено дека станува збор за лажни дојави и дека не постојат вистински експлозивни направи.
На 25 февруари 2025 година, двајцата малолетници биле повикани во Полициската станица Чаир, каде во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција и адвокат, бил извршен разговор со нив. Тие го признале делото и детално го опишале начинот на кој ги испраќале лажните закани.
„По спроведените истражни дејства, утврдена е инволвираноста на двете малолетни лица. Од нивните родители се одземени два мобилни телефони со СИМ-картички, кои биле користени за извршување на делото“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Против двајцата малолетници ќе биде поднесена соодветна пријава до обвинителството.