Кинеска компанија го повлече ултиматумот за вработените да се венчаат или ќе бидат отпуштени

Кинеска компанија во индустрискиот центар Шандонг на истокот на земјата го повлече ултиматумот до своите невенчани вработени да се венчаат до крајот на септември или ќе се соочат со отказ, откако локалните власти предупредија дека ги прекршува законите за работни односи.

Потегот, кој го привлече вниманието на локалните корисници на интернет и властите, доаѓа додека Кина бара начини да ги охрабри младите двојки да се венчаат и да имаат деца за да го поттикне намалувањето на населението во земјата.

Во известувањето испратено од компанијата „Shandong Shuntian Chemical Group“ до своите 1.200 вработени се наведува дека сите слободни работници на возраст од 28 до 58 години, вклучително и оние кои се разведени, ќе треба „да се венчаат и да основаат семејство… пред 30 септември 2025 година“.

Доколку не го сторат тоа, компанијата „ќе го раскине договорот за вработување“, се вели во соопштението кое кружи на социјалните мрежи и е објавено во неколку државни весници, вклучувајќи ги влијателните кинески официјални гласила на англиски јазик Global Times и Beijing News.

Од „Shandong Shuntian Chemical Group“ не одговориле веднаш на барањето за коментар на Reuters.

Во известувањето се наведува дека компанијата „го промовира духот и културните вредности на трудољубивост, љубезност, лојалност, љубов и почит кон родителите и старешините и праведноста“, објави Global Times.

Сепак, известувањето ги прекршило релевантните одредби на кинеското трудово право и законот за договори за вработување, пишува Global Times, без да наведе детали.
Државните медиуми објавија дека известувањето е повлечено. Компанијата во соопштение наведува дека намерата била да се охрабрат постарите самохрани вработени да се фокусираат на „важни животни одлуки и да ги мотивира да се венчаат и да се скрасат“.

Бројот бракови во Кина се намали за една петтина минатата година, што е најголем пад досега. Кина има втора, по Индија, спред борјноста популација во светот со 1,4 милијарди, но која брзо старее.

Стапката на наталитет опаѓа со децении поради кинеската политика за едно дете водена од тогашното водство на Комунистичката партија од 1980 до 2015 година и брзата урбанизација. Приближно 300 милиони Кинези, што е еквивалентно на речиси целото население на САД, се очекува да се пензионираат во следната деценија.

Мерките што властите ги презедоа минатата година за справување со проблемот вклучуваа повикување на кинеските колеџи и универзитети да обезбедат „љубовно образование“ за да се нагласат позитивните ставови за бракот, љубовта, плодноста и семејството