Според последниот попис, просечното семејство во земјава брои три члена

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, истакна дека не секое семејство во земјава троши исто количество на основни прехранбени производи, коментирајќи ги трошоците за живот и минималната потрошувачка кошничка.

– Некое семејство може да троши и 18 литри млеко месечно, но има и такви што не пијат млеко воопшто – рече министерката, додавајќи дека нејзиното четиричлено семејство купува замрзнат грашок од поевтините маркети, а не поскапи варијанти кои надминуваат 100 денари за иста грамажа.

Во однос на забелешките за методологијата на пресметка на трошоците, министерката нагласи дека според податоците од последниот попис, просечното семејство во земјава брои три, а не четири члена.

– Ве повикувам да дадете издржан, конструктивен предлог со кој нема да се наруши интегритетот и достоинството на пратениците, и нема никаков проблем – ќе го решиме – ѝ се обрати Димитриеска Кочоска на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.

Во однос на инфлацијата на храната, министерката нагласи дека во време на владата на СДСМ таа надминала 30 проценти, додека денес е значително пониска, под 3 проценти.