Загриженоста за понудата од рафинериите во САД ги турна цените на нафтата на 74 долари

Цените на нафтата се зголемија до 74 долари на меѓународните пазари во четвртокот, како одраз на загриженоста на инвеститорите за испораките на американските рафинерии откако претседателот Доналд Трамп ја укина лиценцата на „Chevron“ за извоз на венецуелска нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 1,43 долари повисока од вчерашното затворање, на 73,96 долари. Речиси за исто толку порасна цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 70,08 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки падна за 1,06 долари во средата, на 74,87 долари.

Трговците во четвртокот беа загрижени поради повлекувањето на дозволата за „Chevron“ за извоз на венецуелска нафта. Американскиот претседател ја одзеде дозволата за работа на Chevron“ во Венецуела, наведувајќи дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро не вложил доволно напори за промена на изборниот процес и враќање на мигрантите.

Доколку нафтата ја извезува венецуелската државна нафтена компанија PDVSA, американските рафинерии нема да можат да ја преработуваат поради санкциите.

„Заминувањето на Chevron може да значи помало производство на нафта во Венецуела, со оглед на капацитетот на OPEC+ (Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија) да го зголеми производството. Доколку се намали, трошоците за стекнување на рафинериите на американскиот брег би можеле да се зголемат“, објаснуваат аналитичарите на „TD Cowen“ во белешката.

Доколку OPEC+ не го зголеми производството, „тешката“ нафта може да поскапи, објаснуваат тие.

Американските рафинерии се приспособени да преработуваат „тешка“ нафта, со поголема содржина на сулфур.

Повлекувањето на дозволата може да резултира и со преговори за нов договор меѓу „Chevron“ и PDVSA за извоз на други дестинации, изјавија извори за Reuters.

„Chevron“ досега извезуваше околу 240.000 барели венецуелска нафта дневно, што е повеќе од една четвртина од вкупното венецуелско производство.

Цените беа поттикнати и со падот на залихите на нафта во САД минатата седмица, за 2,3 милиони барели, поради зголеменото рафинирање, објави Министерството за енергетика. Залихите на бензин се зголемени за 400 илјади барели, а залихите на дестилати за дури 3,9 милиони барели.