
Динамиката на меѓународната политичка сцена не попушта. Станува исклучително тешко да се следат сите изјави, средби, но и потези на големите играчи. Ова се денови кои дефинитивно ќе го променат постоечкиот глобален систем. Како и секоја промена и оваа ќе донесе победници и губитници. Природно, никој, ни голем ни мал, не сака да биде во групата на губитници. А, нив ќе ги има и тоа поголем број. Девизата на претседателот Трамп „да ја направиме Америка повторни голема“ не остава простор за поголеми и позначајни компромиси. Неговата опседнатост за склучување на зделки, ако треба и под закана, не дозволува win-win ситуација. Тоа најдобро се гледа во неговиот однос кон европските сојузници.
На средбата со претседателот Макрон, изминатиов понеделник, тој беше прецизен. Кажано парафразирано САД ќе ги земаат рудните богатства на Украина, а Европа ќе се грижи за безбедноста на Украина. Се разбира, Европа самата ќе ја финасира таа безбедност. Него воопшто не го интересира колку тоа ќе чини. Да не биде подолу, сега веќе неговиот подржувач, претседателот на Русија, елегантно се согласи. Истовремено на претседателот Трамп галантно му понуди, заедничка експлоатација на ретките минерали, кои се наоѓаат на просторот од Украина, окупиран од Русија. Како по дефиниција, актуелната европска политичка елите секогаш доцни. Еден ден по заедничката прес конференција на претседателите Трамп и Макрон се „сетија“ дека тие всушност веќе имаат потпишано меморандум за разбирање со Украина за заедничка експолатација на рудните богатства. Тој меморандум, ја потсетуваат Украина, е потпишан порано и таа треба да води сметка за тоа. За возврат Европа и нуди win-win спогодба.
Симплифицираново презентирање на прашањето околу експлоатацијата на рудните богатства на Украина, како и изјавата на претседателката на Европската комисија, фон дер Лајен, дека Украина и пред 2030 година може да биде примена во Европската Унија, укажува на една жална, но тешка вистина. Украинските сојузници со едно око гледаа да и’ помогнат на Украина, а со другото на нејзините стратешки природни ресурси. Во спротивно не би барале надокнада за укажаната хуманитарна и воена помош. Не би се надмудрувале со САД кој колку потрошил! Принципиелниот став би бил секој потрошил колку што можел, а со цел да се сочува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, согласно повелбата на ООН. Суверена Украина самата, без притисок, ќе одлучува за своите богатства. За жал, но вистинито, во надворешната политика нема принципиелност. Се е гол интерес!
Резултатите од трите гласања во Организацијата на обединетите нации, по повод тригодишнината од започнувањето на руската инвазија врз Украина, се добра поткрепа на искажанава теза. Од 2022 година, во ООН секоја година, Генералното собрание усвојува резолуции во кои се осудува руската агресија врз Украина и се бара почитување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Оваа година праксата продолжи, но со поинакви играчи. Претходните години, нацрт резолуција поднесуваше Украина, со поддршка на транс-атланските сојузници. Тие, без проблем, со големо мнозинство беа прифаќани од земјите членки. Минатата година, резолуцијата беше поддржана од 140 земји-членки. Оваа година, благодарејќи на Трамповата иницијатива за постигнување на прекин на непријателствата, Вашингтонската администрација сметаше за потребно да поднесе свој текст на резолуцијата. За разлика од украинско-европскиот нацрт текст, во американската верзија не се споменува руската агресија. Таа повикува на брз прекин на непријателствата. За прв пат САД и Европа, во генералното собрание на ООН застанаа на спротивставени страни, по ова прашање. САД отиде и чекор понатаму и побара Украина да го повлече нацрт-текстот. Нормално, тоа не се случи. Изминатиов понеделник, на гласање се најдоа и двата текста. Украинско-европскиот помина без проблеми. За него гласаа 93 држави. Американскиот текст доживеа измени. Француската страна предложи амандмани, со кои, суштински, американскиот текст се изедначи со европскиот. Амандманите беа прифатени од мнозинството и видно изменетата американската предлог резолуција, беше усвоена. На прв поглед ова изгледаше како европска победа. Ама на прв поглед. САД, очекувајќи ваков резултат, побара седница на Советот за безбедност, на кој ја достави својата верзија на резолуцијата. Разбирливо, Советот со десет гласа за и пет воздржани, ја прифати. За разлика од резолуциите прифатени во генералното собрание, на овој начин, таа стана обврзувачка. Интересно е да се напомене дека петте членки на Советот за безбедност кои гласаа воздржано се членки на Европската Унија, а меѓу нив и Франција и Велика Британија, земји со право на вето. Истите овие држави, кои во Генералното собрание ја подржаа украинско-европската резолуција, во Советот за безбедност не ставија вето на американската резолуција, туку само се воздржаа од гласање. Покажаа дека избегнувањето на заоштрувањето на односите со САД, им се поважни отколку јавно декларираната осуда на руската агресија врз Украина. Во секој случај, двете гласања во Генералното собрание, но и тоа во Советот за безбедност покажаа две работи. Првата, САД и останатите членки на НАТО, целосно се раздвоија по прашањето на Украина. Втората и може би поважна, за прв пат во изминативе три години, Советот за безбедност успеа да донесе резолуција. САД и Русија, колку и да звучи иронично, застанаа на страната на мирот.
Република Македонија пред гласањето, се приклучи кон американската нацрт резолуција. Стана ко-спонзор. Потег кој на еден или друг начин, ја направи видлива во меѓународните односи. Не е мала работа јавно да истапиш за една сериозна работа како што е војната во Украина. Војна во која директно се судруваат интересите на сите глобални и регионални играчи. Дополнително, таа и за европската и за изменетата американска резолуција гласаше воздржано. Покажа принципиелност! Имено, секое гласање за текст на резолуција, во кој Русија се прогласува за агресор, е гласање за продолжување на војната. За ова не треба да има никакви дилеми. Русија во ниеден момент не прифаќа дека е агресор. Нејзин став е дека таа го брани своите национални интереси, а пред се својата безбедност. Со цел, да ја седне Русија на преговарачката маса, Трамповата администрација и во јавните настапи и во текстот на нивната резолуција, одбегнаа да зборуваат за руска агресија. Усогласувањето на македонската позиција со позицијата на САД, гледано од овој апект, означува избор на Македонија помеѓу брзи мировни преговори или продолжување на војната. Војна која Украина, за жал, ја губи. Искажаните обвинувања дека со овој потег Македонија се одалечила од Европската Унија, не држат. Резултатите од различните гласања покажуваат дека во Унијата, по ова прашање, нема единствен став. Второ, ако Унијата и понатаму сака да живее со војна на своите граници, што во крајна линија е нејзино право, Македонија има право да се спротивстави на тоа.
Изјавата на францускиот амбасадор, како и прес-конференцијата на лидерот на македонската опозицијата се најдобар доказ како преставниците на Европската Унија во Македонија продолжуваат да се придржуваат до своите „принципи“. Имено, францускиот амбасадор, одговарајќи на новинарско прашање, одлуката на Македонија да ја поддржи резолуцијата на САД ја нарече неочекувана. Отиде и чекор понатаму и укажа дека рускиот империјализам побарува единствен европски одговор. Убаво! Ама уште поубаво ќе беше ако на македонската јавност и’ дадеше одговор зошто неговата земја во Советот за безбедност не стави вето на американската резолуција, туку гласаше воздржано. Зошто во исти ден во две различни тела на Обединетите нации Франција гласа различно. Каде е тука единствениот европски одговор? Го нема! Доколку Франција ставеше вето, тешко дека претседателот Макрон, истиот ден, ќе влезеше во Белата куќа. Француските интереси за Париз се поважни отколку заедничкиот европски одговор. И тоа е разбирливо. Франција е голема сила и има право да постапува така како што и налагаат нејзините интереси. Разбирливо е и тоа дека и таа и останатите големи сили, не се многу среќни доколку мали држави, како Македонија, искажуваат став кој едноставно не им се допаѓа. Почнуваат да бараат начин, како да го спречат тоа. Во конкретниов случај, лидерот на опозицијата им се погоди. Тој излезе на прес конференција и се пожали дека: „…прв пат македонска влада спонзорира резолуција, потоа не гласа за неа…“?! Премолча, или не бил информиран дека текстот на резолуцијата кој го спонзорираше Македонија не беше истиот за кој се гласаше. Македонија спонзорираше текст на резолуција кој беше усвоен во Советот за безбедност, стана обврзувачки за сите членки на ООН, вклучувајќи ги и европските. За да биде сликата понаивна, тој јавно се пофали дека неколку амбсадори му се јавиле и побарале објаснување за македонското гласање. Тешко на тие амбасадори доколку бараат објаснување од лидерот на опозицијата, а не од МНР! Право разочарување ќе биде доколку тие однапред не знаеле како ќе се однесува Македонија и зошто така се однесува. Посебно француската дипломатија. Нивните телефонски повици до Филипче имаат само една цел. Да поттикнат јавен напад врз владата и да создадат конфузија во македонското општество.
Сосема накратко, а повторено по кој знае кој пат. Прес конференцијата на СДСМ во однос на гласањето на Македонија во ООН, повторно покажува дека или сме тешки на учење, или едноставно одбиваме да учиме. Нациите за сериозни надворешно-политички прашања зборуваат во ист глас. Неможе такви прашања да се користат за дневно-политички цели. Дотолку повеќе што МНР за позицијата на Македонија кон Украина даде исцрпен став. Став кој кореспондира со ставот на Брисел. Македонија, не по своја вина е заглавена во европската чекална. Дали и кога ќе биде одглавена, не зависи само од неа. Но, тоа не смее да ја ограничи во користењето на тактички надворешно-политички потези. СДСМ како одговорна опозиција, тоа треба да го препознава. Уште повеќе, доколку има дилеми сосема коректно е да побара од владата дополнителни информации. Владата, како и секоја демократска влада во Европа, требе да излезе во пресрет. Тоа таа не го прави за да ги зајакне позициите на опозицијата. Тоа се прави за да се обезбеди дополнителен квалитет во водењето на надворешната политика, но и внатрешна кохезија. Во спротивно европските „принципи“ повторно ќе не’ вратат во непосакуваното минато.
Автор: Јован Донев за НетПрес