
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот ја напушти Белата куќа по вербалниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп, кој го обвини дека е неблагодарен и искажува непоќитување кон Соединетите држави.
Претставник на Белата куќа, исто така, објави дека прес-конференцијата на двајцата челници е откажана. На прес-конференцијата требаше да потпишат и договор за користење на украинските ретки минерали.
И Трамп и потпретседателот ЏејДи Венс го обвинија Зеленски дека е неблагодарен за тригодишната американска поддршка.
„Она што го правите е непочитување на земјата – оваа земја што ве поддржа многу повеќе отколку што многумина мислеа дека треба“, рече Трамп на состанокот.
Американскиот потпретседател ЏејДи Венс интервенираше тврдејќи дека Зеленски не го почитувал Трамп затоа што дошол во Овалната соба да се расправа, на што Трамп се согласил.
Зеленски одговори: „Имам голема почит за вашата земја“.
Трамп во објавата на Truth Social по средбата напиша дека Зеленски „не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена“.
„Утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена бидејќи верува дека нашата вклученост му дава огромна предност во преговорите. Не сакам предност, сакам МИР. Тој не покажа почит кон Соединетите Американски Држави во нивната ценета Овална соба. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, напиша Трамп.